Груевски во Триполи се сретна со Мугабе

Премиерот Никола Груевски имал средба со претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе. Средбата се случи на маргините на Самитот на ЕУ и Африка, во главниот град на Либија, Триполи. Веста ја објави зимбабвејскиот весник „Хроникл“ опширно известувајќи, како што се вели, за интервјуто што македонскиот премиер го дал по средбата. Во извештајот на МИА од престојот на Груевски во Либија не беше спомената средбата со контроверзниот лидер на Зимбабве.

Според весникот, Груевски рекол дека со Мугабе разговарал за проширување на соработката меѓу Македонија и Зимбабве. „Разговаравме за соработката во рамките на Африканската унија и соработката со европските држави, а, се разбира, и за можностите да ги искористиме потенцијалите на Зимбабве“, изјавил премиерот Груевски.

Весникот наведува дека Груевски во врска со санкциите на ЕУ кон Зимбабве, изјавил дека иако Македонија не е членка на ЕУ и оти не е дел од одлуката за, како што цитира весникот, „илегалното ембарго“, неговиот став е дека треба да продолжи дијалогот меѓу Зимбабве и европскиот блок за нормализација на односите.

Санкциите на ЕУ кон Зимбабве и Роберт Мугабе и неговата тогаш 94-члена влада беа воведени во 2002 година откако државата одби европски посматрачи на тогашните избори. Тие добија забрани за патување во европските држави и им беа замрзнати имотите. Слични рестрикции презедоа и САД. Мугабе и неговата влада во Хараре се непожелни во САД и во ЕУ поради задушувањето на демократијата и слободата на новинарите, како и поради протерувањето на белците од нивните фарми. Од исклучително просперитетна земја Зимбабве се претвори во оаза на сиромаштијата.

Мугабе се смета за еден од највлијателните африкански лидери. Тој е на чело на државата од 1980 година, кога поранешната британска колонија Јужна Родезија доби независност и се преименува во Зимбабве. Мугабе единствено може да патува на настани организирани од Обединетите нации и од Африканската унија. (С.К.)


#