30.12.2011, 13:44
САД го казнија „Дојче телеком“ поради корупција во Македонија



САД им наложија на „Дојче Телеком“ и неговата филијала „Маѓар Телеком“ да платат 95 милиони долари, согласно спогодбата по судската тужба, во која се тврди дека наводно поткупиле официјални претставници на Македонија.

Во соопштението на американското Министерство за правда и Комисија за хартии од вредност се наведува дека германскиот телекомуникациски гигант и неговата филијала „Маѓар телеком“ потплатиле македонски политичари и претставници во текот на 2005 и 2006 година да го одолговлечат отворањето на пазарот на бежични телекомуникации за нова конкуренција во Македонија.

„Маѓар Телеком“ се соочи со три обвиненија, едно за подмитување и две за лошо водење на евиденција, а „Дојче Телеком“ уште и за прекршување на прописите за внатрешна контрола, што е спротивно на американскиот закон за борба против корупцијата надвор од територијата на САД. Тој закон се применува за американските фирми, како и за странските компании кои работат на подрачјето на САД. Во периодот наведен во тужбата, со акциите на „Маѓар Телеком“ се тргувало на берзата во Њујорк. „Дојче Телеком“ и „Маѓар Телеком“ се согласија да ја платат паричната казна со цел да избегнат судска тужба, при што не мораа да ја признаат вината. „Спогодбата става крај на истрагата против Дојче Телеком без кривична тужба“, соопшти кусо портпарол на концернот.