Клиниките во распад, сите во паника

Лекарите и медицинските сестри, пак, се во грч дали ќе стасаат навреме да ги згрижат болните лица и до кога ќе го издржат ова темпо

Јасмина Јовановска


Универзитетските клиники во Скопје и технички и функционално се разнишани поради што и болните и лекарите се во паника. По одливот на кадарот од клиниките во приватниот сектор, пациентите исплашено прашуваат каде ќе се лекуваат. Зашто, според нивните најчести коментари, на клиниките на прсти се бројат лекарите на кои можат да им веруваат, и ако се разболат дека ќе откријат од што боледуваат и соодветно ќе се лекуваат. Тие уште се жалат дека времето за закажување на прегледите, испитувањата и операциите постојано се пролонгира, со што се случува за некои прегледи и операции, ако досега чекале по еден месец, сега да им се закажуваат за по два, па и повеќе месеци.

Лекарите и медицинските сестри, пак, се во грч дали ќе стасаат навреме да ги згрижат болните лица и до кога ќе издржат да работат со ова темпо зашто поради намалениот број вработени, нивната работа е двојно, па и тројно зголемена, а со тоа и одговорноста за здравјето на болните е уште поголема.

Работата со пациентите и функционирањето на клиниките уште повеќе се усложнуваат зашто речиси нема ден да не откаже некој апарат, да недостасува некој лек или, пак, игли, шприцови, канили, сетови за инфузија..., се жалат лекарите. Друг проблем е што испитувања што се битни за операции ги прават и неискусни лекари, па операторите со страв влегуваат во операционите сали. Со еден збор, реагираат клиничарите, работат во неподносливи и импровизирани услови, кои ретко некој лекар што држи до својата стручност и професионалност, може да ги издржи.

„Не дај боже да тргнеш на клиниките, којзнае како ќе завршиш. За едно срцебиење ме шетаат повеќе од еден месец и на крај повторно не можеа да утврдат со сигурност која е причината. На едно место немало реагенси, на друго место за ехо на срце се чека со недели“, реагира една млада пациентка.

Дел од болните, се разбира, оние што имаат пари, го избираат приватното здравство зашто таму не мора да чекаат да се поправи апаратот или со месеци да чекаат ред за да се прегледаат.

„Но, секој нема пари да плати, па да чека да му ги рефундира Фондот. Повеќето чекаат да се поправи апаратот или да им дојде редот“, раскажува друг пациент, кој вели дека тој зел кредит за да се оперира во приватна болница за да си ги скрати маките и нервозите. На друга пациентка, пак, додека чекала за да ги направи потребните испитувања за операција на стомак, состојбата и' се искомплицирала и сега повеќе не е ни за интервенција. За снимање на апаратот за компјутерска томографија во јавното здравство требало да чека еден и пол месец, а да оди во приватна институција немала пари. Во меѓувреме, нејзината состојба значително се влошила.

Оваа пациентка е само една од стотината што секојдневно се судираат со слични или исти проблеми на клиниките, неволно констатираат дел од лекарите.

Директорите на клиниките не откриваат како се справуваат со техничките и со организациските проблеми. На некои клиники, како што дознаваме, е направена таква реорганизација со што некој вид сложени операции се укинати и не се работат, а медицинските сестри се распределуваат на други одделенија. На други клиники, според доброупатени извори, се прават распределби на кадарот за да не трпи функцијата на одделенијата, но факт е дека ќе се зголемат листите на чекање како за прегледи, така и за операции, зашто и да сакаат, толку е кадарот и повеќе не можат физички да издржат. Новите реорганизации ќе се одразат и на одморите на вработените. На некои клиники вработените ќе користат најмногу по десет дена одмор, а кај некои ни толку. (Ј.Ј.)


#