Пругата кон Бугарија чека европски кредити
Изградбата на уште 90 километри од делницата што е дел од Коридорот 8 тапка в место десетина години
Маја Томиќ
Дали европските банки ЕБОР и ЕИБ наскоро ќе ја спасат нашата катастрофална патна инфраструктура и ќе придонесат земјава, конечно, да добие сообраќаен лик како повеќето земји од соседството? Има ли шанси наскоро од Македонија да се патува со воз за соседна Бугарија, со која земјава никогаш немала железничка врска, ниту, пак автопат, и покрај фактот што Софија е најблиска престолнина на земја-членка на ЕУ и е оддалечена само околу 200 километри. Според последната најава на ЕБОР и на ЕИБ, овие две значајни финансиски институции имаат намера да инвестираат околу половина милијарди евра во повеќе инфраструктурни проекти во земјава наредните неколку години.
Нерешената инфраструктура, секако, имала и има последици врз политичката, туристичката, а посебно врз трговската соработка и релациите меѓу двете земји.
Според некои пресметки, земјите од регионот годишно губат најмалку една милијарда евра поради се' уште неизградената транспортна мрежа од Коридор 8, што треба да ги поврзе Црното и Јадранското Море, а која оди од Бургас, преку Скопје до Валона во Албанија. Приоритет за македонските власти беше и е довршувањето на железничката пруга кон Бугарија, односно изградба на уште 90 километри пруга.
Бугарските, македонските и албанските власти во изминатите десетина години потпишаа повеќе меѓународни договори за изградба на Коридорот 8, најавуваа странска помош од повеќе фондови и институции. Но, како што стојат работите со досегашната динамика, уште неколку години коридорот сигурно нема да биде изграден. Се проценува дека неговото комплетирање ќе чини вкупно 2,7 милијарди евра.
Бугарија во последниве години го интензивираше довршувањето на нејзиниот дел од патната и од железничката мрежа од Коридорот 8, а кај нас работите тапкаат в место. Македонија досега успеа да го истрасира земјениот дел кој стасува пред Крива Паланка, да изгради неколку железнички мостови и да пробие неколку тунели. За довршувањето на железничката пруга треба да се потрошат уште најмалку 150 милиони евра. Од бугарската страна, од Ѓуешево до македонската граница останаа уште 2,5 километри без железничка линија, што не се смета за клучна пречка за реализација на проектот Коридор 8.
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека се во тек повеќе активности за подобрување на железничката инфраструктура, пред се', на изградбата на железничкиот дел од Коридорот 8. Се очекува ЕБОР да финансира околу 18 милиони евра и за реконструкција на железничката пруга од Коридорот 10. За таа цел, оваа банка веќе обезбедила средства за изработка на физибилити студија. Според Министерството, во тек е изработка и на идеен проект и студија за изградба на железничка пруга од Кичево до Лин - граница со Албанија.
Покрај тоа, со средства од ЦЕИ е предвидена и изработка на физибилити-студија за делницата Куманово – Деве Баир. Се очекува договорот со избраната консултантска куќа да се склучи во втората половина од 2010 година, а ангажманот ќе биде 8 месеци. Во фаза на изработка е и основен проект за траса на делницата од Крива Паланка до Деве Баир.
ЕБОР досега во Македонија има финансирано повеќе од 510 милиони евра во над 40 проекти од инфраструктурата и корпоративните дејности, како и во финансискиот и енергетскиот сектор.
Во земјава со години нема никакви инвестициски активности и за сообраќајници од повисок ранг, како што се автопатишта, вклучувајќи ги и тука и патните артерии, Коридорите 8 и 10. Се' што се работи во земјава досега се само реконструкции или изградба на регионални патишта. Моментално се работи само на седум километри автопат од Табановце до Куманово.
„За изградба на делницата Демир Капија – Смоквица, во должина од 28 километри, е изработен главниот проект и след��ва обезбедување на финансиските средства, при што делумно ќе се искористат и средства од ИПА-фондовите“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Токму за овој недоизграден дел од Коридорот 10, владина делегација деновиве разговараше со претставниците на ЕИБ. Беше посочено дека се потребни од 200 до 250 милиони евра за довршување на овој проект.
Кога ќе почне да се гради некоја делница и од Коридорот 8 на ниво на автопат, се' уште е непознато, затоа што се' уште се во тек многуте постапки за експропријација на земјиштето по должината на оваа траса. (М.Т.)
|