17.09.2012, 14:58

Академската година во Тетово почна со албанската химна



Тетово - Новата академска година на Државниот универзитет во Тетово денеска стартуваше со интонирање на химната на соседна Албанија. Иако на овој универзитет студираат претежно Албанци, сепак има и од други национални припадности – Македонци, Турци, Роми и други. Инаку, Државниот универзитет во Тетово веќе десетина години е под капата на Министерството за образование и наука, иако во 1994 година е основан како граѓанска иницијатива.

На церемонијата за почетокот на учебната година во Тетово беше присутен Сафет Незири, заменик министер за образование и наука. Тој не гледа проблем со ваква церемонија на стартот на академската година. „Тоа е национална химна, химна на албанското знаме, а не е химна на друга држава. Таа химна не треба да провоцира. Настанот не треба да се проблематизира. Ова не е прв пат свеченост да започне со интонирање на химната“, изјави Сафет Незири.

Заменикот министер за образование и наука рече дека албанската химна била интонирана и кога било пуштено во употреба ново училиште во тетовско Џепчиште. Како оправдување за овој настан Незири смета дека се работело за училиште во кое наставата целосно се изведува на албански јазик и се наоѓа во средина со целосно албанско население. (Г.Е.)