Кој и зошто дава тајни документи под рака
„Викиликс“ стана мода која лошо ја копираат нашите. Земјава деновиве е преплавена од протек на доверливи податоци
Горан Адамовски
Лоша копија на „Викиликс“. Вака дел од експертите во земјава го окарактеризираа најновиот бран „протекувања“ доверливи податоци што ја преплавија земјава. Лични податоци кој колку зема плата, колку му даваат под рака, кој кому и колку должи, „којзнае од каде“ излегуваат во јавноста. Кој ги пушта - не се знае. Доверливите информации секогаш стигнуваат на вистинска адреса, одигрувајќи ја улогата што им е наменета.
„Тоа што сега ни се случува слично на ’Викиликс‘ не е нешто што е непознато во светот на политичката комуникологија“, смета комуникологот Петар Арсовски. Тој објаснува дека во поразвиените земји непишано правило е дека „за секоја информација што побудува јавен интерес, ќе се најде некој и ќе се најде начин да ја проследи во јавноста“.
„Кај нас, пак, тоа се злоупотребува и тоа најмногу од оние што имаат пристап до тие информации и што имаат најмногу интерес да ги злоупотребат“, смета Арсовски.
Дека станува збор за глобална мода, која се прошири и на Балканот, се согласува и професорот Стево Пендаровски. Според него, и нашите „хакери“ видоа како работи Џулијан Асанж, па се обидуваат да го имитираат. „Сепак, огромна разлика има во тоа што во голем број држави, меѓу кои и Македонија, не се складираат информациите на начин како што го прави тоа САД. На пример, ако си хакериш и успееш да влезеш на сајтот на Министерството за одбрана, единствено што ќе можеш да дознаеш, е кој е министер, а кој му е заменик. Во спротивно, ако сакаш да стигнеш до некој таен или личен податок, треба да провалиш во просторијата каде што се чуваат, односно да скршиш брава“, сликовито појаснува Пендаровски.
Тој не мисли дека оваа мода е лоша или добра за демократијата во Македонија, но, сепак, смета дека сите протекувања на ваквите информации се прават со асистенција на „некои структури на власта“.
Политикологот Владимир Божиновски гледа вина и во медиумите, кои ги сервираат доверливите информации во зависност од интересот.
„Ако станува збор за класифицирани информации, треба да се види кој и зошто ги пуштил или, пак, дозволил некој друг да ги види или да ги објави. Одговорноста мора да се лоцира“, ни изјави Божиновски. Тој, сепак, смета дека јавноста мора да биде информирана за линкови меѓу одредени медиуми со групации или политички партии.
Од Дирекцијата за заштита на личните податоци објаснуваат дека законска обврска на секое правно лице е во својата документација да има донесено правилник за технички и организациски мерки, кои обезбедуваат тајност на податоците.
„Законот создава обврска за оној што има база на податоци да наведе кои податоци се собираат, зошто се собираат, каде се чуваат, како се обработуваат, кој има пристап до нив“, вели Елена Стојановска од ДЗЛП.
Дирекцијата ги казнува фирмите и институциите што немаат ваков правилник. Казните се парични, но случајот подоцна може да се пресели и во суд, кој, пак, може да пресуди и поинакви казни.
Но, тогаш се поставува прашањето од каде протекуваат доверливите документи? Платите на вработените во А1 и во А2 телевизија, кои со нивните матични броеви беа објавени на „Фејсбук“ од страницата „UJP leaks“, а на кои се гледа дека вработените кај Рамковски поголемиот дел од парите ги земаат на рака, отвори истрага што стигна до Министерството за внатрешни работи. Се истражува кој го злоупотребил логото, профилот и називот на Управата за јавни приходи. УЈП писмено побарала помош од МВР.
„Соработуваме и со Дирекцијата за заштита на личните податоци, кои побараа од Одделот за компјутерски криминал да се открие ИП-адресата од каде што е постиран лажниот профил. Подоцна ќе се види за какви злоупотреби станува збор“, вели Иво Котевски од МВР.
Во меѓувреме, инсп��кторите на ДЗЛП вршат надзор во институциите што се инволвирани во овој случај на каков било начин. Додека трае истрагата со тајните документи од сефот на фирмите од „Перо Наков“ б.б., јавноста ќе чека нови продолженија од „Викиликс“ на македонски начин. (Г.А.) |