10.06.2012, 17:21

Самарас го искара Ципрас за Македонија

Атина - Една недела пред грчките избори и среде препукувањата за изборните програми и способноста за водење на државата, лидерот на Нова демократија Андонис Самарас го нападна новото чудо на грчката политика, Алексис Ципрас за неговиот однос кон Македонија. Самарас обвини дека групата Роза, која е член на радикалната левица СИРИЗА, во 2008 на флаер за повик за анти-НАТО протест со македонските милитаристи ја напишале Македонија под уставното име.

„На просечниот Грк му сметаат некои вакви работи, му смета тоа што подмладокот на СИРИЗА повикувал на протест во Скопје против Грција, против нас“, истакна Самарас во интервју за телевизијата МЕГА, потенцирајќи дека Ципрас треба да најде начин да се справи, односно да ги исклучи и да се огради од екстремните елементи во СИРИЗА.

Голем број реакции се појавија по изјавата на поранешниот солунски градоначалник, одговорен за предизборната кампања на Нова демократија во Северна Грција, Панајотис Псомијадис, кој истакна дека не му сметало однесувањето на неонацистичката Златна зора. Псомијадис изјавил дека лично не му смета Златна зора, освен некои екстремни однесувања кои ги осудува. Како што пренесува „Та неа“, Псомијадис истакнал дека субверзивно не се однесува Златна зора, туку СИРИЗА која го уништила центарот на Атина во протестите и го продала името Македонија. (М.П.)