Судот одлучи: штрајкот на шеќеранци бил нелегитимен

Битола - Шестмесечниот штрајк на вработените во Шеќераната бил нелегитимен. Вака пресуди Апелациониот суд во Битола откако бугарските газди на фабриката ги тужеа незадоволните работници дека не го пријавиле навреме штрајкот. По ваквата одлука на судот, вчераутро на штрајкувачите не им беше дозволен влез во фабриката. Сега капиите се отвораат само за сезонците, кои на нивните работни места ја започнаа кампањата за преработка на жолт шеќер. За штрајкувачите веќе е извесно дека од еден до последен ќе останат на улица.

„Од Апелација добивме пресуда дека се забранува нашиот штрајк. За сите овие шест месеци испадна дека штрајкот е нелегитимен и не смееме повеќе да штрајкуваме. По ова, го известивме работодавецот дека влегуваме на нашите работни места. Но, да биде иронијата поголема, за нас утрово од 5,30 часот капијата беше затворена“, изјави Драги Лингуровски, претседател на синдикалната организација.

Синдикатот обвинува дека одлуката за спорот помеѓу вработените и газдите на Шеќераната е куриозитет во македонското судство. Бидејќи, истите судии и во Основниот и во Апелациониот суд во Битола по два пати носеле контрадикторни одлуки. „Истата гарнитура судии еднаш носи одлука дека е нелегитимен штрајкот, па потоа дека е легитимен и сега дека пак не бил легитимен. Апелација прво ги советуваше основните судии дека погрешно го примениле материјалното право, а сега и тие судат токму на тој принцип. Ова е апсурд што никаде го нема“, додава Лингуровски.

Штрајкот на вработените во битолската Шеќерана е лош сигнал за третманот на работничките права во Македонија, сметаат штрајкувачите. „По сите овие судски одлуки и интервенции од инспекциите во Македонија, никој повеќе нема да се охрабри да штрајкува. Штрајкот за македонските работници ќе биде табу-тема. Ова е уништување и на синдикатот. Ова е синдромот на Македонецот за самоуништување“, реагираше Златко Вељановски, претседател на Штрајкувачкиот одбор.

Штрајкувачите велат дека за цело време на штрајкот не добиле поддршка од Регионалниот синдикален совет на ССМ во Битола. Единствено Агросиндикатот на Македонија застанал во нивна поддршка.

„Ова е прво искуство во Македонија штрајк да биде прогласен за нелегитимен откако во 2005 година е донесен Законот за работни односи. Законските решенија се многу контрадикторни, нема дефиниции докрај. Не се почитувани процедурите во судот и, најверојатно, во овој случај има влијанија од одредени позиции“, вака Живко Даневски, претседател на Агросиндикатот го коментираше случајот на Шеќерана. (А.Б.)


#