Како Анџелина Џоли ги насанка нашите медиуми
На завчерашните вести на Сител телевизија во 21 часот беше објавена „ексклузивна“ вест дека луксузната јахта на Анџелина Џоли потонала во близина на Азурниот брег кај Сан Тропе, Франција, и дека од суперѕвездата нема ни трага ни глас.
Два часа подоцна А1 телевизија ги почна доцните вечерни вести со истата „ексклузивна“ вест, а на „Фејсбук“ веќе се поставуваа прашања за тоа дали е вистина или не, иако двата мејнстрим-медиуми не изразија сомнеж во вистинитоста на информацијата кога ја објавија.
По кратка дискусија на „Фејсбук“ и со помош на линк од блогот golemataslika.crnaovca.mk дојдовме до сознание дека станува збор за сајтот fakeawish.com, кој објавува исклучиво лажни вести, а на него може и сами да си составите лажна вест.
Сител ја имаше веста и на својот веб-сајт (малку по 21 часот), од каде што ја презеде forum.com.mk, наведувајќи дека дознава од Сител. А1, и покрај тоа што го отвори дневникот со веста, не ја стави на својот веб-сајт. Откако сфатил дека направил голем превид, Сител ја извади веста од својата архива, но не и „Форум“.
И покрај реалната опасност од грешки на дневните редакции на медиумите, ова беше настан кој разоткри една лоша навика во македонското новинарство: да се препишува без контрола, а патем и без да се објавува изворот. Доколку кој било од споменатите медиуми „прошеташе“ по Интернет, ќе заклучеше дека никој, освен тие самите, не ја објавува веста, а доколку подлабоко истражеше, ќе дојдеше до веста на сајтот што постои само за да насанка некого. Еве и линк до „оригиналната вест“. (З.Р.)
Update: Во текот на денешниот ден преку коментар стигна линк до текст во кој „Форум“, вчера, објавил за превидот на Сител.
|