„Скопје 2014“ изборен адут на Груевски

Бучковски го замислува премиерот сликан на грандиозниот споменик на Александар Велики качен на Букефал

Оливера Војновска

„Кога ќе сака да стави круна на владеењето, Никола Груевски на плоштадот во Скопје ќе го донесе Александар Велики“, претпоставува поранешниот премиер Владо Бучковски од СДСМ, кој дури и го замислува премиерот и лидер на македонската десница сликан на грандиозниот споменик. Бучковски е убеден дека Груевски е цврсто решен градбите од проектот „Скопје 2014“ симболично да го одбележат неговото владеење.

„Очигледно е дека Груевски сака мегаломански градби, како што е новата зградата на Уставен суд. Сигурно и таму ќе направи фотографија и ќе оди на избори. Мислам дека ги планира по пописот, некаде летото, можеби уште во јуни“, прогнозира Бучковски. Притоа, тој го споредува Груевски со неговиот политички ментор, експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски. „ И Георгиевски пред изборите во 2002 година го направи Плаошник , Милениумскиот крст..., но ги изгуби изборите“, вели тој.

Власта со невидена посветеност е фокусирана на изградбата на објектите од проектот „Скопје 2014“ - лавови, споменици, скулптури, куполи, мостови, музеј, архив, филхармонија, административни згради... Најголем дел од објектите се почнати да се градат. Некои се до половина, за некои се поставени темелите, а некои се во фаза на комплетирање на градежната документација. Посветеноста на проектот и интензитетот со кој се градат објектите, за политичкиот аналитичар Алберт Муслиу е сигнал дека изборите може да бидат и порано од редовниот термин во 2012 година. „Препознатлива е намерата овие градби да бидат изборен адут на Груевски. Но, таквата тенденција може да биде контрапродуктивна и да се врати како бумеранг. Тоа е меч со две сечила. Ако граѓаните се гладни, нема да се заситат со ’убави’ градби. Во наредниот период нема многу надежи дека ќе се подобри економската состојба во државата, дека ќе има прилив на странски инвестиции, раст на БДП“, вели Муслиу .

Според него, владејачката партија многу агресивно го брани проектот како корисен и со долгорочни вредности. „Но, во услови на економска криза, тешко е проектот што чини многу пари да се аргументира како економски оправдан. Сосема друга работа е да беше автопат или капитална инвестиција што ќе го придвижи економскиот раст“, додава Муслиу.

Изминатиот период ликот на главниот град незапирливо се менува. Во тек е изградбата на театарот, музејот на ВМРО, на новите објекти на Министерството за надворешни, Филхармонијата, Уставен суд. Централното градско јадро врие од скулптури и споменици. Во радиус од стотина метри има шмизли, мачки, бикови, питачи, споменици на Гоце Делчев, Даме Груев, гемиџиите, Климент и Наум... Спроти споменикот на Методија Андонов Ченто ќе седи цар Самоил, а среде плоштадот Александар Македонски ќе го јава Букефал качен на голема фонтана. Друштво ќе им прават и Јосип Багери, Хасан Приштина и Неџат Аголи. На Вардар се прават фонтани и водоскоци. А, преку триумфалната порта ќе се доаѓа до паркот „ Жена-борец“, каде што ќе никнат спомениците на паднатите херои за Македонија, на Президиумот на АСНОМ и на основачите на ВМРО. Пред реновираното Собрание ќе јава претседателот на Крушевската Република, Никола Карев. На кејот на реката Вардар, веднаш до зградата на „Телеком“, ќе биде поставено и панорамско тркало, високо 50 метри. Остануваат за градење и Агенцијата за електронски комуникации, зградата на Обвинителството и Финансиската полиција, Градската куќа, колонада независна Македонија...

Опозицијата неодамна побара мораториум на проектот „Скопје 2014“ и предложи да се оди на предвремени избори, на кои власта ќе ја тестира довербата од граѓаните дали ќе добие мандат да го доврши проектот. Но, тоа не помина. Груевски во изјавите е дециден дека проектот ќе се заврши. Според власта, реализацијата на овој проект ќе чини околу 80 милиони евра. Опозицијата излезе со пресметка дека за „симболот на корупцијата, криминалот и безмилосното трошење народни пари“ ќе се потрошат 350 милиони евра. Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, во последното интервју на Канал 5 рече доколку победат на изборите нема да ги уриваат објектите што ќе бидат изградени, ќе ги доградат оние што се започнати, но нема да ги градат оние што не се почнати.


#