За да се вработат, географи стануваат фризерки
Преквалификацијата е можност полесно да се најде работа и пристојна плата
Сања Наумовска
Историчари стануваат плочкари или молери, а дипломирани географи, фризерки или козметичарки. Во борбата за обезбедување работно место и пристојна плата, преквалификацијата понекогаш е единствена можност за невработените да дојдат до парче леб. Помладите, но и оние малку повозрасните што имаат дури и високо образование, изморени од долгогодишно чекање на вработување, се' почесто се решаваат да ги земат работите во свои раце и да го сменат својот професионален профил.
Најчесто, младите се одлучуваат за некој занает што ќе им овозможи самовработување, велат во Работничкиот дом „Кочо Рацин“. „Последните неколку години хит при преквалификацијата се фризерскиот и козметичкиот занает, како и масажата и кројачкиот занает. Речиси две години полни се и курсевите за градежни работници, како што се ѕидари, молери, плочкари, но и за бравари, водоводџии и електричари. Весниците се полни со огласи во кои се бараат млади градежни работници што би работеле во странство, што веројатно, е главната причина што ги привлекува младите токму на овие курсеви“, велат во Кочо Рацин“, од каде што додаваат дека решавачки фактор за преквалификација е признавањето на нивните дипломи секаде во Европа и во Австралија.
Сепак, за преквалификација почесто се одлучуваат младите, за разлика од оние повозрасните што поминале добар дел од работниот стаж. Тие многу потешко се решаваат да почнат од нула, свесни дека ризиците се големи, а и преквалификацијата, поточно кратките курсеви и обезбедувањето нова диплома, не е евтина. Па дури и да се заврши преквалификацијата, на повозрасните им е многу потешко да почнат со нов бизнис, кој чини пари, ризичен е, а успехот никој не го гарантира.
Во Работничкиот дом велат дека преквалификацијата е одлична можност за оние што бараат работа да одговорат на потребите на пазарот на работна сила. Кај нив постојат курсеви за образување секакви профили. Од друга страна, соработуваат со многу институции и редовно го следат пазарот на труд, што им овозможува да понудат курсеви за преквалификација што ќе им обезбедат подобра иднина на граѓаните.
„Годишно околу 500 до 600 лица ги поминуваат нашите курсеви заради преквалификација. Некои од нив се веќе вработени, но им треба доусовршување и диплома, а поголемиот број се невработени што не успеале да најдат работа со своето образование“, вели Миле Стоиловски, секретар на Работничкиот дом.
Жените, вели тој, најмногу ги посетуваат курсевите за козметичарки и фризерки. Во минатото најбаран бил кројачкиот занает, но сега не им е еден од приоритетите на помладите. Некогаш многу повеќе заинтересирани сакале да се преквалификуваат во сметководители, но и тој тренд е во опаѓање. Мажите се позаинтересирани за градежништвото, компјутерите и пекарскиот занает. Масажата, пак, е хит кај двата пола. Најчесто, по завршувањето на курсот, работа се бара во странство или на прекуокеанските бродови. Најскапа е преквалификацијата за козметичар, која чини 35.000 денари. Курсот трае 4 месеци и целосно се изведува во современо студио во Работничкиот дом. Фризерскиот курс чини 17.000 денари, оној за масажа, 18.000 денари, а молерскиот, пак, 24.000 денари.
Во Работничкиот дом велат дека многу често соработуваат со Занаетчиската комора, токму на полето на преквалификацијата. „Многу често се склучува некој што веќе се одлучил да стартува свој бизнис, да не може да отвори фирма, бидејќи нема соодветно образование. Затоа имаме и курсеви за проверка на знаењето, кои се пократки и поевтини, а преку нив се добиваат потребните дипломи“, велат во „Кочо Рацин“. |