Од забава во страшна смрт во амбис кај Калиманци
Две момчиња загинаа, а три лица се тешко повредени во сообраќајната незгода
Иван Бојаџиски
ШТИП- Загинаа две дваесетгодишни момчиња од Виница, а тројца нивни врсници се потешко повредени во сообраќајната незгода што се случи на патот Македонска Каменица – Кочани. Во страшната несреќа што се случи на два километра од рударскиот град Македонска Каменица, на почетокот од вештачкото езеро Калиманци, животот го изгубија Стојанчо Стојчевски и Аце Стојанов од Виница.
Според информациите од СВР-Штип, несреќата се случила во саботата, околу пет часот наутро, кога младите луѓе се враќале од Македонска Каменица кон Виница, откако претходно цела ноќ се забавувале во локалните кафулиња. Со автомобил „ланчија“ со бугарски регистарски таблички, управуван од Стојанчо Стојчевски, младите тргнале од рударскиот град кон Виница. Но, по петминутно возење автомобилот се урнал во амбис длабок дваесетина метри. При паѓањето на автомобилот, кој удрил во карпите над езерото, на самото место загинале возачот Стојчевски и неговиот другар и врсник Аце Стојанов, а со потешки повреди се здобиле девојката од селото Дулица кај Македонска Каменица и две момчиња од Виница.
Сведок на големата трагедија било семејството Милковски, кое има куќа на брегот, на спротивната страна од езерото. „Околу пет часот утрото не' разбуди силен тресок, а потоа и глас што бараше помош. Веднаш излегов и во прв момент помислив дека некој се дави во езерото. Го зедов двогледот и го видов речиси уништеното возило на другиот крај на Калиманци. Знаев дека станува збор за голема несреќа, па јас и синот го зедовме пластичниот чамец и веславме колку што можевме побргу. Кога дојдовме на местото на несреќата ја најдовме девојката, која беше надвор од автомобилот и даваше знаци на живот. Момчиња беа во возилото, а две од нив, за жал, веќе беа починати. Многу бргу дојде и полицијата, а по неа и противпожарна кола од Кочани“, раскажува Стамир Милковски. Неговата сопруга Ратка вели дека била стаписана од глетката, додавајќи дека на тој дел од патот многумина возат пребрзо, иако на делницата има многу опасни свијоци.
Анализите на крвта на загинатиот Стојчевски не покажале траги од алкохол. Полицијата претпоставува дека пребрзото возење, што било неприспособено на условите на патот, или некаков дефект на автомобилот би можело да бидат причина за несреќата.
Виница вчера беше во длабока болка. Со голема тага илјадници граѓани ги испратија своите млади сограѓани на последното патување. Виничани се молеа за животот на другите две момчиња, кои со тешки телесни повреди се пренесени на лекување во Клиничкиот центар во Скопје. |