Какво потекло имаат Шпанците?
Евреите прво се населиле во Шпанија во раните години на Римското Царство. Сефардските Евреи го носат тоа име бидејќи еврејскиот збор за Шпанија е Сефарад
Околу 20% од населението на Иберскиот Полуостров има потекло од сефардските Евреи, а 11 отсто од Маврите
Шпанија и Португалија имаат историја на ревносен католицизам, но сега се покажува дека речиси една третина од населението има нехристијанско генетичко наследство. Околу 20 проценти од актуелното население на Иберскиот Полуостров има потекло од сефардските Евреи, а 11 отсто носат ДНК- белези на Маврите, истакнува тим генетичари.
Генетичките белези се одраз на принудното преобратување во христијанството во 14 и 15 век, откако христијанските армии ја одзеле Шпанија од муслиманска контрола. Новите податоци се однесуваат на две многу различни гледишта за шпанската историја: едното дека шпанската цивилизација е католичка, а сите други влијанија се странски, другото дека Шпанија била збогатена со извлекување од сите три историски култури - католичката, еврејската и муслиманската.
Генетичката студија, што се базира на анализата на хромозомите Y, е спроведена од тим биолози предводени од Марк Џоблинг од Универзитетот Лестер во Англија, и Франсес Калафел од Универзитетот „Помпеу Фабра“ во Барселона. Биолозите работеа на белег на Y- хромозомот за сефардските мажи, испитувајќи ги сефардските еврејски заедници на места каде што Евреите мигрирале откако биле протерани од Шпанија во периодот од 1492 до 1496 година. Тие, исто така, ги опишале карактеристиките на Y- хромозомите на Арапската и Берберската армија кои ја нападнале Шпанија во 711 г.н.е., според податоците од луѓето кои сега живеат во Мароко и западна Сахара.
По период на воздржаност под арапската династија Умајад, Шпанија, влегла во долг период на верска нетолеранција, при што династиите на муслиманските Бербери ги принудувале и христијаните и Евреите да преминат во ислам, а потоа победничките христијани ги протерале Евреите и Муслиманите или ги принудувале да ја сменат верата.
Генетичката студија за која пишуваше и Американското списание за хумана генетика (Американ џурнал оф хјуман џенетикс) во своето Интернет издание укажува дека имало високо ниво на преобратување кај Евреите. Џонатан Реј, професор по еврејски студии на Универзитетот „Џорџтаун“, вели дека треба да се очекува висок процент на луѓе со сефардско потекло. „Евреите формирале многу голем дел од урбаното население се' до големите преобратувања“, вели тој.
Генетичката анализа е „многу привлечна“, вели Џејн Гербер, експерт за сефардска историја на Сити универзити во Њујорк, и е против научните соработници кои тврдеа дека имало многу малку еврејски преминувања во христијанство.
Реј го постави прашањето што би можеле да значат ДНК-доказите на лично ниво. „Ако четири генерации немаат сознанија за моето генетичко минато, како тоа влијае на моето сфаќање за сопствената верска поврзаност?“, вели Реј.
На ова прашање се спротивстави авторот на студијата, Калафел. Неговиот сопствен Y- хромозом веројатно е со сефардско потекло - тестот не е дефинитивен за поединци - а неговото презиме потекнува од едно место во Каталонија; Евреите кои се преобратувале често пати за презиме ги земале имињата на местата.
Евреите прво се населиле во Шпанија во раните години на Римското Царство. Сефардските Евреи го носат тоа име, бидејќи еврејскиот збор за Шпанија е Сефарад.
(Интернешенел хералд трибјун) |