18.09.2012, 16:15
Металург избрка пет фудбалери среде сезона



Вицешампионот ги отпушти Кралевски, Мемеди, Тенекеџиев, Начевски и Несторовски

Последниот пораз од Работнички ја прели чашата во Металург, кој по шест кола има три порази, што е далеку од минатогодишниот старт во домашното првенство. Управата на вицешампионот реши проблемите да ги решава среде сезона, ослободувајќи се од петмина фудбалери. На црниот список се најдоа искусните Игор Кралевски, Агрон Мемеди, Драган Начевски, Александар Тенекеџиев, како и младиот Илија Несторовски. Тие повеќе не се дел од тимот од Железарница, а со Стручниот штаб повеќе не е ниту докторот Зоран Ханџиски.

Чистката доаѓа сосема неочекувано, бидејќи поголем дел од овие играчи беа носители на играта во минатата сезона, а играа и во европските купови. Причината за ваквиот потег на Металург се' уште не е јасна, а изненаден е и Мемеди.

„Не ми е јасно како може да кажат дека не се задоволни од играта со Работнички, а бркаат луѓе кои беа на трибините на тој дуел. Всушност, вистинската причина за овие случувања не ја кажаа. Само ни кажаа дека раководството така решило и тренерите ни ја соопштија таа одлука. Ја прифаќам одлуката, но не на ваков начин. Не ни кажаа зошто сме избркани“, изјави Мемеди.

Покрај отказите, фудбалерите треба да платат за да играат за други клубови или тие да платат за да можат да ги ангажираат, иако Металург веќе не смета на нивните услуги. Најскапа е отштетата за Кралевски, која изнесува 10.000 евра, Мемеди, Начевски и Тенекеџиев можат да си одат за 3.000 евра, а Несторовски само ќе тренира, со оглед на тоа дека има важечки договор со Словачко и треба да се обрати кај нив за евентуален ангажман.

Кралевски е во Металург од зимскиот преоден рок во сезоната 2009/2010 и беше незаменлив во одбраната. Начевски дојде минатата сезона од грчки Ерготелис, Тенекеџиев пристигна кога и Кралевски. Несторовски настапуваше за Металург како зајмен играч од Словачко од почетокот на годината и очигледно е дека ќе се врати во Чешка. Мемеди, пак, дојде во почетокот на минатата сезона, а беше стрелец и на единствениот гол на гостувањето во Полска кај Рух Хоржов во квалификациите за Лига Европа. Се чинеше дека ќе биде незаменлив на левата крилна позиција, но во Металург не мислат така.