Доаѓаат поројни дождови и силни ветришта

Во Русија измерени рекордни минус 57 Целзиусови степени

Метеоролозите за денешниот ден предвидуваат влошување на времето проследено со многу силен ветер и обилни врнежи од дожд. Ќе дува засилен, а во текот на ноќта и силен југоисточен ветер со брзина до 100 километри на час. Денеска попладне ќе има нови врнежи од дожд, чиј интензитет ќе се зголеми особено во текот на ноќта и утре. На одделни места се очекуваат да наврнат и повеќе од 30 литри на квадратен метар.

Според вонредната прогноза на Управата за хидрометеоролошки работи, викендов и во текот на идната недела температурите ќе бидат во опаѓање, а времето ќе биде променливо облачно со северен ветер и со слаб снег. Од вторник се очекува поголемо заладување и значителен пад на температурите, така што и преку ден на места ќе бидат под нулата.

Рекордно ниски температури и поларен студ деновиве ги зафатија повеќе места во светот. Температура од речиси минус 60 степени е регистрирана во руската Република Саха (Јакутија). Во главниот град Јакутск е измерена температура од минус 48 степени, додека во Верхојанск минус 57, а во Оимјакон минус 56 степени. Поради ниските температури, учениците ќе бидат распуштени. Засега нема негативни последици од студот, на кој локалното население е навикнато, соопшти Министерството за вонредни ситуации.

Лошите временски услови предизвикаа проблеми и поплави и во Италија.

Нивото на водата во венециските канали се зголеми за 115 сантиметри и се излеа низ улиците и плоштадите на пониските делови од овој италијански град. Меѓу поплавените делови е и познатиот плоштад „Сан Марко“. Италијанската Служба за цивилна заштита вчера соопшти дека е регистриран и раст на речните нивоа на Тибар во реонот на Рим и на По во Торино. Според италијанските медиуми, нивоата на водата и во двете реки се доближуваат до критичната граница, што претставува опасност од излевање.

Рекордно силни ветрови се регистрирани во швајцарските Алпи, пренесе Франс прес. Нивната брзина во централниот швајцарски кантон Берн достигна 252 километра на час, што претставува втора најголема брзина измерена во историјата на земјата. Три лица загинаа, а петмина се сериозно повредени од лавини во Швајцарија во текот на последните денови, а ниски температури и обилни врнежи од снег ја зафатија Шпанија. Снегот ја затрупа дури и најјужната автономна област Андалузија. (Сн.К.)