5 прашања 5 одговори
Георгиевски притискаше да се избере Груевски
Филип Петровски
Доколку Георгиевски не се вмешаше, Груевски во никој случај немаше да стане лидер на ВМРО-ДПМНЕ
Билјана Јовановска
Тврдењето на Љупчо Георгиевски дека неговиот наследник Никола Груевски дошол на лидерското место на нелегитимен начин, вчера во „Утрински“ го демантираше Ганка Цветанова, која претседаваше со Конгресот. Тогаш бевте делегат, имавте ли притисоци?
Да, имав такво искуство. Од позиција на делегат на Конгресот во 2003 одговорно тврдам дека вечерта спроти гласањето имав притисок да гласам за Никола Груевски, и тоа од телохранителите на Љупчо Георгиевски. Ги отфрлив нивните барања и гласав за Марјан Ѓорчев. Исто така, тврдам дека доколку тогаш не се вмешаше Георгиевски, не политички, туку со притисоците, Груевски во никој случај немаше да победи.
Дали со Вашето исклучување од Обединети за Македонија се расцепкува гласачкото тело на десницата, кое на претседателските избори му донесе на Љубе Бошкоски 150.000 гласови.
Не, не мислам така. Со своето непромислено, нетактично и за претседател на една партија, плиткоумно однесување, Бошкоски само навидум му направи услуга на премиерот. Незадоволството не е канализирано и не е надминато по ова што се случи со Бошкоски, бидејќи тоа е огромно и е акумулирано во изминатите четири години. Притоа, во ниту една сфера не се гледа подобрување на животниот стандард. Никој не може да му направи услуга на Никола Груевски затоа што незадоволството е огромно и расте секој ден. Сега главно прашање е кој ќе организира партија што автентично ќе му се спротивстави на ова владеење.
Што подразбирате под автентично спротивставување?
Пред се', да се направи демократска структура што ќе личи на десничарските партии од западните држави каде што ќе може отворено да се размислува и да се прибере интелектуалниот потенцијал на оваа држава. Значи, не со структура што ќе го лаже членството, а ќе биде во тајни договори со Бранко Црвенковски. Тоа не е коректно однесување, туку е само дезавуирање на јавноста што ќе може да му го продолжи мандатот на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму, добро е што овие потреси се случуваат сега за граѓаните навреме да создадат јасна слика кој е кој.
Подготвувате ли формирање нова десничарска партија?
Во овој момент правам широки консултации и добивам силни сигнали дека е неопходно да се направи субјект кој на демократска основа ќе ги артикулира десничарските интереси. Сега десницата не е сериозно организирана што му е од интерес на актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој го зафатил просторот на десницата, но само како маска или како рамка за задоволување на интересите на една тесна група. Од друга страна, Груевски има влијание врз десничарските групации, директно или индиректно и тоа би требало да се предизвика на соодветен начин. Време е да се заврши со националромантичарските митови и легенди, време е да се зборува за демократска десница. Во моментот не ја гледам, има групи што пледираат на таа страна, но ако останат такви ќе бидат изолирани и во блиска иднина нема да имаат влијание на политичките процеси.
Имавте ли деновиве контакт со Љубе Бошкоски, зашто во меѓувреме искажавте многу сериозни обвинувања на негова сметка?
Немам потреба да се гледам или да се слушам со него, зашто Бошкоски јавно, со соопштение ме исклучи од Обединети за Македонија. Тоа е пашалак и не сакам да му придавам значење. Стојам зад сите обвинувања упатени до него стојам. Точно знам што говорам и само жалам што реалноста е таква во тоа здружение за поддршка на интересите на Љубе Бошкоски. Тоа едноставно не е партија. |