5 прашања 5 одговори

На Мијалков не му е местото во тимот

Насер Зибери, политички аналитичар

Светлана Унковска


Господине Зибери, како гледате на досегашниот тек на преговорите за состав на новата влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ?


Сега засега, не може да се тврди дека се водат некакви формални преговори за состав на владата. Од формална гледна точка, роковите утврдени во Уставот не се почнати. Но, тоа не значи дека надвор од очите на јавноста не се водат активности во овој правец. Во овој период, победничките партии и не мора да изнесуваат детали, односно до крај да бидат транспарентни. Се' уште не сме влегле во тајмингот предвиден за конституирање на Собранието или на владата. Кога ќе почнат да течат роковите, тогаш по сила на Уставот и законите, партиите ќе мора да дадат отчет. Бидејќи овие две партии и досега беа на власт, верувам дека нема да има посериозни проблеми и пречки за постигнување договор.



Како гледате на поставувањето на директорот на УБК, Сашо Мијалков, за нов шеф на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ. Како во ДУИ се доживеа оваа смена?

Сметам дека тоа не е добро. Секако, тоа немаше да биде спорно доколку Мијалков си поднесеше оставка од функцијата што ја врши (директор на Управата за безбедност и контраразузнавање) и да настапуваше исклучиво како партиски функционер. Ваквото двојно својство е недозволиво и спротивно на прописите и духот на Уставот, како и законите за МВР, за полиција, за органите на управата, за државните службеници. Неговата функција бара целосна департизација, затоа што, во спротивно, се загрозува непристрасноста, неутралноста и политичкото влијание во функционирањето на овој орган.

За мене беше непримерно и неговото присуство на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања, но тоа речиси никој не го забележа. Таа симбиоза на партиска активност со УБК е многу опасна за демократските процеси во земјата. И ако намерата на ВМРО-ДПМНЕ била да се исплаши „соговорникот“, сметам дека направиле погрешна процена. Ахмети, како и неколку луѓе околу него, кои де факто одлучуваат во ДУИ, се „калемени“ за многу посериозни и поризични ситуации од оваа. Ова не е некој предизвик со кој тие не можат да се справат.



Ќе успее ли Ахмети овој пат да договори заедничка владина програма со ВМРО-ДПМНЕ или повторно ќе биде попустлив пред својот партнер Никола Груевски?

Крајно време е да има владина програма, која ќе претставува израз на интересите и на ставовите на сите релевантни коалициони чинители. Така се прави во целиот демократски свет. Тоа би значело транспарентност, чесност, одговорност кон избирачите од двете страни. Во спротивно, едната страна ќе се чувствува измамена и изневерена. Не мислам дека е во интерес на ВМРО-ДПМНЕ да има партнер со кој ќе владее. Се надевам дека нема да се случи тоа и доколку не се инкорпорираат делови од нивната предизборна програма во владината, тогаш ДУИ во перспектива ќе има сериозни проблеми.



Колкави се шансите ДУИ да се избори за посилни министерски ресори и дали очекувате дека ќе го добие и местото претседател на Собранието?

Јас не би рекол посилна, но во секој случај мислам дека позицијата на ДУИ ќе биде поадекватна и помериторна. Затоа што во минатиот период беше сериозно руинирана нивната положба и неадекватно оценета и вреднувана. Во однос на функцијата претседател на Собрание, сметам дека таа не е толку значајна, колку што и' се придава значење, но во неа има голема симболика. Не велам дека сум целосно непристрасен, но ќе кажам дека би сакал Теута Арифи да ја видам на таа функција. Стручна, искусна, компетентна и кредибилна жена и плус Албанка. Подобро - здравје, како за земјата, така и за меѓународната заедница, која тоа многу ќе го цени.



Дали сметате дека Ахмети ќе остане цврсто на ставот со ��руевски да потпише договор околу конкретните чекори во напредокот на земјава во ЕУ и НАТО, а со тоа и решавањето на спорот со името?

Не. И самиот Ахмети е убеден дека тоа е математички неизводливо. Од проста причина зашто решението околу спорот со името е сплет на неколку околности и не зависи само од волјата на еден човек или од волјата на една страна. Се' друго би било демагогија.


#