Двокатниот во дефект
Двокатниот автобусот завчера остана во дефект. Речиси два часа се' уште една од главните атракции низ Скопје не беше во возна состојба. Возилото принудно беше паркирано на „Партизанска“ дури не му стасаа на помош екипи на ЈСП „Скопје“ за да го вратат „даблдекерот“ во живот.
Мишо Николов, директор на ЈСП, потврди дека автобусот се расипал во четвртокот вечерта и од тие причини два часа бил исклучен од сообраќај.
„Автобусот речиси од пладнето возел како со последни сили, а вечерта околу 20 часот и дефинитивно откажал. Му се дупнало панцир-цревото, кое сервисерите за кусо време го смениле и возилото го оспособиле за возење. Тој од вчера изутрината продолжи со редовното возење. Вечерта, пак, кога беше поправен, замина во гаража оти на линијата ‘15А‘ на која сообраќа веќе и бил ‘истечен‘ возниот ред“ информираше Николов. Тој посочи дека станувало збор за незначителен дефект. Било вообичаено пукање на панцир-цревото, кој е потрошен материјал и во ЈСП го имаат на лагер.
Ова е прв регистриран дефект на „даблдекерот“ по речиси две и полмесечно возење на скопските улици. (Дс.Т.) |