Напуштената љубовница уценувала со многу пари
За лаптопот на амбасадорот Стојановски барала 150.000 австралиски долари и 40.000 евра, а сакала и да му ја запечати политичката кариера
Тамара Грнчароска
Во Австралија продолжува љубовно-криминалната сага на македонскиот амбасадор Перо Стојановски откако неговата бивша девојка Лидија Думбалоска со обвинение за провала, кражба, уцена и закана кон него, вчера со кауција беше пуштена да се брани од слобода. Судијата Питер Двингал дозволил кауција од 10.000 австралиски долари под услов да не контактира со амбасадорот или со неговото семејство, да го предаде пасошот и да не приоѓа до аеродроми и до морски пристаништа за да не ја напушти земјата. Ослободувањето на Думбалоска беше одложено додека да се процесуира паричната гаранција поради празниците.
Стојановски до вчера се' уште немаше дадено изјава за случајот, под изговор дека тоа може да им штети на истрагата и на судскиот процес. Според неофицијални информации, тој вчера не се појавил ни во судот, наводно, поради тоа што тужбата е поднесена од полицијата. Австралиската полиција поднесе пријава против Думбалоска за изнуда на 150.000 австралиски долари и 40.000 евра за да го врати лаптопот. Високиот полициски функционер Даниел Стјуарт од криминалистичката полиција сведочел дека обвинетата изјавила оти сака да му ја оконча политичката кариера на амбасадорот. Се тврди дека таа контактирала со семејството на Стојановски за информациите содржани во лаптопот и дека направила копии на фајловите. Неофицијално, таа ги контактирала неговите родители во Скопје.
Се' уште не е јасно што содржат фајловите и документите од актовката со кои Думбалоска го уценувала Стојановски за голема сума пари. Од македонското Министерство за надворешни работи велат дека го следат случајот, но оти за него се надлежни австралиската полиција и судовите. На прашањето дали ќе се преземат некакви мерки кон амбасадорот што дозволил љубовниот живот да му влијае врз професионалниот, пред се', поради кражбата на актовката и на лаптопот за кои се претпоставува дека содржат службени, дипломатски работи, од МНР одговорија дека лаптопот на амбасадорот бил приватен и целиот настан го засега само неговиот интимен живот. „Нема да коментираме лични или семејни проблеми од овој вид. На секого може да му се случи нешто слично“, се вели во изјавата од МНР. Инаку, оттаму наведуваат дека на амбасадорот му биле украдени само лични работи од домот, а „целата службена документација се чува во амбасадата“.
Инаку, Думбалоска го познавала семејството Стојановски уште од студентските денови. Стојановски и Думбалоска заедно студирале на Електротехничкиот факултет, при што таа била чест гостин во нивниот дом. Контактите меѓу Лидија и Перо продолжиле и кога таа заминала за Австралија, како и пред тој да замине таму, а контактирала и со неговата сестра.
На профилот на „Фејсбук“ на Думбалоска по доаѓањето на Стојановски како амбасадор во Канбера стоела реченицата „длабоко вљубена во неверојатниот човек П.С.“. Во текот на наредните месеци нејзиниот профил бил преполн со заеднички фотографии со Стојановски, кои наеднаш исчезнале по објавувањето на аферата. Иако Стојановски и Думбалоска не ја криеле својата врска од очите на јавноста, по текстот објавен во „Утрински весник“ во август дека токму поради љубовна врска Стојановски не си ја врши дипломатската работа, таа се јави со реакција и со барање до редакцијата да се избришат коментарите на читателите во кои се споменува нејзиното име.
Думбалоска пред неколку месеци се развела од својот сопруг со кого има 12-годишна ќерка, а Стојановски, наводно, се разделил од сопругата, која останала во Скопје. За разводот од сопругот Думбалоска тврдела дека причина биле коцкарски долгови. Врската меѓу Думбалоска со Стојановски западнала во криза пред околу два месеца, а еден ден пред прекинот, 24 декември, пред Божиќ, како статус на профилот на „Фејсбук“ напишала: „Најтажните празници во мојот живот... Бог ми зеде уште една драга личност... трета во 6 месеци... Боже зошто си суров, дали навистина постоиш... и да постоиш јас веќе кренав раце од тебе... лута сум... им даваш радост и среќа на суровите... тага и жал на оние што не помислуваат лошо“. На 30 декември, еден ден пред да биде уапсена за кражбата извршена на 27 декември, напишала: „Уште еден ден... едвам чекам да помини оваа година... во неповрат да фати“.
Македонските иселеници во Австралија се поделени околу скандалот и тој е топ-тема меѓу нив. Се плетат приказни дека Думбалоска не била сама во кражбата и дека биле замешани и други луѓе, иако за тоа нема докази. Меѓу нив се шпекулира дека станува збор за местенка насочена кон амбасадорот и, како што вели нашиот извор, „се вртат секакви теории на конспирација, се ’пука’ на се'“. |