Московскиот градоначалник најбогат политичар

Градоначалникот на Москва, Јуриј Лушков, заработува најмногу од сите руски политичари. Вкупните примања во неговото домаќинство минатата година изнесувале 30,94 милијарди рубли (една милијарда долари), објави руското издание на списанието „Форбс“.

Според податоците од првата годишна листа на најбогати руски политичари и високи претставници, објавена на Интернет-страницата на „Форбс“, 73-годишниот Лушков минатата година заработил осум милиони рубли (260.000 долари), додека остатокот го остварила неговата сопруга Јелена Батурина, сопственик на холдинг-компанијата „ЗАО интеко“.

Лушков и 47-годишната Батурина, единствена жена на листата руски милијардери што ја објавија списанијата „Форбс“ и „Финанс“, поседуваат и голем недвижен имот, меѓу кои куќа во Русија со површина од 2.531 квадратен метар, како и куќа во Велика Британија од 1.203 квадратни метри.

Премиерот Владимир Путин за минатата година пријавил приходи од 3,9 милиони рубли (127.144 долари), додека неговата сопруга Људмила заработила само 582 рубли и не поседува недвижен имот.

Претседателот Дмитриј Медведев во исто време заработил 3,3 милиони рубли (107.584 долари), додека неговата сопруга Светлана не остварила приходи. (Кирилица)


#