06.10.2011, 16:21 Томас Транстромер добитник на Нобеловата награда за книжевност
Шведскиот поет во 2003 година доби „Златен венец“ на Струшките вечери на поезија.
Шведскиот поет Томас Транстромер е добитник на Нобеловата награда за книжевност во 2011 година. Овој поет кој неколкупати досега беше меѓу можните канидати за оваа престижна награда, во 2003 година беше награден со „ Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.
Нобеловата награда за книжевност вчера ја соопшти Шведската академија, а во изминатите десеттина дена, Томас Транстромер беше споменуван како можен нејзин добитник во книжевните и издавачките кругови.
Светските медиуми ја пренесоа и веста дека најголеми шанси за наградата нему му даваше и лондонската обложувачница „Ладброкс“, а како конкуренти беа споменувани и сирискиот поет Адонис, но и поетот и музичар Боб Дилан. Наградата изнесува 944.246 фунти.
Осумдесетгодишниот Томас Транстромер е најголемиот жив шведски поет но и прв Швеѓанец кој ја добил Нобеловата награда, откако во 1974 година ја поделиле Ејвинд Џонсон и Хари Мартинсон.
Томас Транстромер е роден на 15 април 1931 година во Стокхолм, пораснал само со мајка му, откако таткото го напуштил семејството.
Овој 108 по ред, добитник на Нобеловата награда за книжевност, дипломирал психологија во 1956 година. Кариерата на психолог му е исполнета со работа со млади престапници, со лица со хендикеп, со зависници од дрога, затвореници... Паралелно со неа, континуирано пишувал и поезија. Добитник е на наградата „Белман“.
Пред да го добие мозочниот удар кој му го одзел говорот, Транстромер објавил 10 збирки поезија.
Првата збирка „17 песни“ ја објавил како студент на 23 годишна возраст, по што следувала збирката „Гриф гондола“, со тираж од 30.000 примероци продадени само во родната Шведска. Поемите му се преведени на повеќе од 50 светски јазици.
Томас Транстромер се повеќе е посветен на класичната музика. Свири клавир со здравата, лева рака. (К.Р.)
|
|