22.08.2012, 17:55

Четири сценарија за излез од кризата. Груевски - Владата е во криза, подготвени сме и за избори

Груевски изјави дека е подготвен за избори доколку ДУИ се повлече од Владата. Бесими не жали што ја однесе војската на поклонение во Слупчане

1. Помирување меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Релациите меѓу владејачките партии, кои се во коалиција подолго од четири години, во моментов изгледаат понапнати од кога било. Сепак, дел од политичката јавност се сомнева во искреноста во настапите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, кои, деновиве, интензивно си разменуваат остри пораки преку медиумите. Имајќи ги предвид сите досегашни искричења меѓу двете партии, кои досега имаа „среќен крај“, многу прогнози упатуваат на тоа дека и оваа епизода нема да заврши со разделба меѓу партнерите во Владата. Односно, дека, наскоро, ќе стивнат страстите што ги разгоре настанот во Слупчане, а кои кулминираа по најавите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе нов закон за бранителите.


2. Распишување предвремени избори што ќе ги организира оваа Влада

Несогласувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, што повторно излегоа на јавна сцена, наметнаа сомневања дека станува збор за смислено сценарио за провоцирање политичка криза која би резултирала со предвремени избори. Двете владејачки партии и нивните помали партнери и сега, слично како во 2008 и во 2011 година, располагаат со потребните 62 гласа за распуштање на парламентот.

Но, тоа би требало да значи и опстанок на коалицијата и во месеците до одржувањето на изборите, бидејќи Владата учествува во организирањето на изборите. Во секој случај, во ситуација, кога се' повеќе се влошува економската ситуација во државата и расте социјалното незадоволство, а опозицијата веќе не е единствената која протестира низ плоштадите, владејачките партии имаат потреба од спасување на рејтингот, така што им одговара да има предвремени избори за да се обидат да купат нови четири години на власт.

3. Растурање на Владата и формирање ново парламентарно мнозинство

Доколку ДУИ, навистина, излезе од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, тоа не мора и автоматски да значи распишување предвремени избори. Моменталниот распоред на политичките сили во парламентот нуди можност за различни комбинаторики за обезбедување на потребното мнозинство од 62 пратеника за формирање влада. Во случај на растурање на Владата, ВМРО-ДПМНЕ би останала со 56 пратеници, од кои десетина од помалите партии во коалицијата. Можноста ВМРО-ДПМНЕ да најде друг партнер од албанскиот блок, во моментов, изгледа речиси неверојатна, поради тоа што НДП на Руфи Османи има само двајца пратеници, а ДПА има изградено став дека нема да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ додека е лидер Никола Груевски. Останува и можност СДСМ да формира влада со сите парламентарни партии на Албанците, вклучително и ДУИ, доколку тие се согласат да ја делат власта. Сепак, една ваква Влада би била мошне нестабилна и веројатно не би имала долг рок на траење.


4. Формирање техничка влада која ќе организира предвремени избори

Ако несогласувањата меѓу партнерите во Владата, навистина, резултираат со распишување предвремени избори, прашање е кој ќе ги организира и според чии и какви правила тие ќе се изведат. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како ударни членки на Владата, веќе манифестираат меѓусебна недоверба, што за опозицијата би можело да биде повод уште отсега да почне да изразува сомневања за нерегуларности, па дури и тоа да биде причина да ги бојкотира евентуалните избори. Поради тоа, една од варијантите е политичките фактори да се најдат пред одлука за формирање техничка влада, која би имала мошне кус мандат, а чија единствена, ако не и примарна цел би била да ги спроведе изборите. (А.М.М.)

Груевски- Владата е во криза, подготвени сме и за избори

„Постои криза во коалицијата и доколку ДУИ се одлучи на та��ов потег, подготвени сме за предвремени парламентарни избори, иако тоа е опција која не ја посакуваме, бидејќи тоа ќе значи одредена дефокусација во одреден период“, призна вчера во жестокото обраќање од Кичево премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во кое, меѓу другото, нагласи дека нема да дозволи да се гази македонското достоинство.

Една недела по настанот во Слупчане, кој ја вжешти комуникацијата меѓу
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, премиерот се огласи од Кичево и соопшти дека постои криза во владината коалиција. Груевски не ја исклучи можноста од нови предвремени избори, кои, според тоа што го изјави, и овој пат би ги иницирале ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои располагаат со потребните 62 гласа за распуштање на парламентот.

Според Груевски, кризата во владината коалиција е резултат на промените во однесувањето на дел од раководството на ДУИ, кое по одржувањето на последните парламентарни избори, како што додава, не се однесува коректно како што се однесувал во минатото, а врв е настанот во Слупчане.

„Три години претходно ДУИ како коалициски партнер ја сметавме како партија која држи до зборот и коректно се однесува во однос на она што е договорено. И ние се трудевме, исто така, коректно да се однесуваме во однос на тоа што е договорено. Во оваа една година кај дел од нив има отстапувања од таа практика, дали затоа што чувствуваа дека ВМРО-ДПМНЕ го нема мнозинството во парламентот, бидејќи има 56 пратеници и на некој начин мнозинството го покрива ДУИ со нивните пратеници, дали поради нешто друго, смета Груевски. Тој вели дека на неколку пати во изминативе неколку месеци разговарал со Али Ахмети. На тие средби, како што вели, му укажал на претседателот на ДУИ за однесувањето на одредени поединци.

„Врв на едно такво некоректно однесување е настанот во Слупчане, кој не придонесува ниту за остварување на целите на ДУИ ниту за остварување на некои важни работи за Албанците во Македонија, туку придонесува само за создавање тензии“, потенцира Груевски.

За шефот на Владата од исклучително значење е да се задржи чесноста во односот со кој било со кои се во партнерство. „За нас е исклучително важно да го зачуваме нашето достоинство и образ и достоинството на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија. И нема ниту една цена што сме подготвени да ја платиме за да се згази достоинството, како што имаше обид да се направи тоа со случајот во Слупчане. Минатата година добивме поддршка од мнозинството граѓани во наредните три години да ја водиме Владата според програмата што е зацртана и тоа сакаме да го правиме и ќе настојуваме да го правиме“, рече Груевски, вртејќи се повторно кон ДУИ, но и кон СДСМ. Според него, ВМРО-ДПМНЕ не е СДСМ, па, како што додава, ако нема мнозинство во парламентот, да дозволи да потклекне на некакви уцени.

„Меѓутоа, ако некој смета дека цената за тоа треба да биде кршење на нашето достоинство, понижување на нас и на нашите граѓани, тоа нема да го дозволиме. Не сме партија што сака власт по секоја цена или, пак, што ќе издржи некое партнерство по секоја цена. Не сме СДСМ и не може да сметаат дека сме Бучковски и Црвенковски, па ако немаме мнозинство во парламентот, дека ќе потклекнеме на некакви уцени, понижувања или што било. Како партија не сакаме да уриваме ничие достоинство, сакаме да ги почитуваме сите, сите етнички заедници, сите граѓани во Македонија и не сакаме да си поигруваме со чувствата на другите етнички заедници. Меѓутоа, доколку некој друг сака да го прави тоа и ако смета дека на тој начин ќе постигне одредени политички поени, мислам дека го промашил партнерот во овој случај“, нагласи Груевски. (Н.К.)

СДСМ: Веќе видена драмолетка

Опозицискиот СДСМ ги оцени вчера како веќе видена драмолетка и театарска претстава најновите случувања меѓу коалициските партнери во Владата - ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„За СДСМ, како опозициска партија, предвремени избори се секогаш отворена опција. Но, немаме апсолутно никаква намера да ги коментираме веќе сто пати видените драмолетки меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и да влетуваме во нивните дневнополитички пазари, игри и калкулации“, изјави Игор Ивановски, координатор на пратеничката група на социјалдемократите.

Коментирајќи го обраќањето на министерот за одбрана, Фатмир Бесими, кој изрази жалење ако навредил некого со чинот во Слупчане, Ивановски рече: „Оваа Влада од тендерско-фотелјашка во последно време станува континуирано хаотична. Не знам која изјава или став на Фатмир Бесими треба да го коментираме? Дали оној со кој, наводно, се извинил или оној со кој, наводно, не се извинил“.

Според Ивановски, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ мора до крај заедно да ја понесат одговорноста за своите погрешни и неодговорни политики и во пакет да бидат поразени од граѓаните. Затоа парламентарната опозиција нема да поднесе интерпелација за министерот Бесими. „Интерпелацијата би била израз на индивидуална одговорност. Бесими, како и секој министер, ја претставува Владата колективно. Сметаме дека по огромниот скандал во Слупчане, не само министерот за одбрана, туку целата Влада, на чело со Никола Груевски, треба да понесе колективна политичка одговорност“, рече Ивановски.

Од СДСМ, вчера, соопштија официјално дека ќе го поддржат законот за бранителите, што го најави ВМРО-ДПМНЕ. Опозициските пратеници образложија дека не го менува својот став и ќе гласаат за секој закон кој ќе го подобри статусот на бранителите. (П.Р.)