Кинеска фирма преговара за „Вардарска долина“?

Според интернет-страницата за енергетика, наменета за покривање на прашањата од глобалниот енергетски сектор во светски рамки: Industrial fuels and power, Македонија размислува за кинеско финансирање на проектот за хидроцентрали, вреден една милијарда евра.

„Владата на Македонија ја разгледува понудата од Кинеската банка за развој (ЦДБ) за финансирање на проектот изградба на хидроцентрали во Вардарската Долина, вреден една милијарда евра. Не е познато дали финансирањето би било за целата инвестициска сума или за само дел од неа. Според Министерството за економија, Владата е во преговори со анонимна кинеска државна енергетска компанија и со ЦДБ во врска со изработување на физибилити-студија и на финансиски пакет за овој проект, кој предвидува изградба на 13 -14 хидроцентрали на реката Вардар и е еден од најголемите инфраструктурни проекти во земјата“, се вели во информацијата објавена на овој сајт.

Инаку, проектот „Вардарска Долина“ како идеја постои околу 30 години. И оваа Влада го стави во редот на енергетските планови за развој до 2016 година. Во 2008 година беше изготвен информативен меморандум за уредување на „Вардарска Долина“, кој го содржи концепт за проектот, а беше распишан и меѓународен тендер за претквалификација. Крајниот рок беше до 16 март 2009 година. Потоа, тој се пролонгира за до крајот на јуни минатата година. Но, и во двата случаја не беше стасана ниту една понуда од инвеститор. Засега не се знае дали и кога повторно ќе биде распишан нов тендер и дали Владата ќе менува некои услови дадени во претходниот повик. За реализација на проектот, кој предвидува изградба на 12 хидроцентрали по течението на Вардар, со вкупна инсталирана моќност од 325 мегавати, потребно е државата да инвестира 1,2 милијарди евра за подготовка на теренот. (М.Т)


#