Црвенковски поканет во Атина од Папуљас

Претседателот на Македонија, Бранко Црвенковски, е поканет на регионален форум во Атина, на кој не е исклучено да има средба со грчкиот премиер Костас Караманлис. Од кабинетот на претседателот Црвенковски не можеа да ја потврдат оваа информација што ја објавија грчките медиуми.
Според весникот „Та неа“, македонскиот претседател идната недела заминува во Грција по покана на неговиот грчки колега, Каролос Папуљас.
„Посетата е во рамки на форумот за управување со водните ресурси во Југоисточна Европа, на кој ќе говори и премиерот на Грција, Костас Караманлис. Не е исклучено Караманлис и Црвенковски да имаат кратка средба“, пишува „Та неа“.
Истиот извор наведува дека тоа ќе биде прва посета на еден македонски раководител, откако Грција во почетокот на април со вето ја блокира поканата за влез на Македонија во НАТО. (Макфакс) |