МАГАЗИН

Не сум несреќна како Петра Лончар

Македонија е земја во која постојано се враќам, открива Анита Бериша, која глуми во серијата „Забранета љубов“

АНДРИЈАНА РИСТЕСКА

Млада, амбициозна и сигурна во себе, се зборовите со кои може да се опише дваесет и двегодишната хрватска актерка Анита Бериша, која е позната како Петра Лончар од серијата „Забранета љубов“. Студира економија и менаџмент, но тоа не им пречи на продуцентите постојано да ја ангажираат.

Нејзино мото е дека ако нешто треба да се случи - ќе се случи, затоа и не прави планови за иднината. Најсреќна е кога може да им посвети внимание на блиските, но и да им помогне на оние на кои им е потребно тоа.

Публиката во Македонија те познава како Петра Лончар од серијата „Забранета љубов“, а ти си студентка на Школата за економија и менаџмент во Загреб. Како се случи да навлезеш во актерските води?

- Да, студирам економија и менаџмент. Со глума се занимавам од својата деветта година, бев член на ЗКМ, по средното училиште поради обврските престанав да одам на часови и тогаш неочекувано дојде повикот за кастинг на кој ја добив улогата на Петра.

Раскажи ни нешто за снимањето на серијата. Тоа не ти беше прва улога, но е прва голема. Како се чувствуваше?

- Улогата на Петра беше моја голема улога, а покрај тоа тогаш првпат работев на таков голем проект. Дотогаш бев статист и имав помали улоги во театар. „Забранета љубов“ беше моја прва вистинска работа, низ годините поминати на снимањата учев и тоа беше едно големо и многу убаво искуство за мене.

Што се промени кај тебе по снимањето на серијата? Неодамна почна со снимање филм, каде што заедно со Марио Валентиќ ја толкуваш главната улога…

- Откако заврши снимањето, почнав да учам и да полагам испити, поминав четири години на снимање и мислев дека добро би ми дошол одмор, но набрзо сфатив дека треба да помине одреден период за да се навикнам на ова лесно и мирно темпо на кое не сум научена. Се радувам на летото и на одморот, а есента е време за нови планови. Во меѓувреме, снимив и филм кој беше ново искуство за мене, исто така, но не сакам да зборувам за него, бидејќи се' уште не е готов. Инаку, добро се забавував и се надевам дека публиката во Македонија ќе има можност да го гледа.

Петра секогаш е несреќна во љубовта, каков е случајот со Анита? Неодамна изјави дека немаш момче и дека си среќна што е така. Што мора да поседува еден маж за да биде со тебе?

- Мојата изјава беше малку преформулирана, среќна сум затоа што имам прекрасни луѓе околу себе, го работам тоа што го сакам и имам услови да уживам во животот. Секој нормален човек сака да најде некој спрема кого ќе има чувства што ќе му бидат возвратени.

Кон крајот на минатата година беше организатор на хуманитарна акција за луѓе со посебни потреби, колку те исполнува таквиот ангажман и како се чувствуваше потоа?

- Занимавањето со јавна професија има и негативни и позитивни страни, што треба да се искористи. Така и дојдов до идеја за хуманитарна акција, бидејќи за тоа се потребни само добра волја, упорност и малку време, а чувството дека си помогнал некому и барем на момент си му ја вратил насмевката на лицето е прекрасно.

Што правиш во слободно време, можеби тоа се нештата кои се нормални за твоја возраст - шопинг, кафе со пријателите, фитнес...?

- Сега имам малку слободно време кое го поминувам со родителите и со пријателите. Среќна сум што можам да отидам до град, за викенд на море, да уживам во пиењето кафе и долгите разговори со пријателките. Уживам кога читам книга или одам во кино и на театар. Би сакала да имам можност да патувам повеќе.

Како се гледаш себеси во иднина?

- Во иднина, кога би зависело тоа од мене, единствено што сакам е да бидам среќна со она што го работам. Планови, барем големи, немам, верувам дека трудот и работата секогаш се исплаќаат.

Кои се твоите планови за ова лето, каде планираш да го поминеш одморот?

- Плановите за одмор ќе ги правам кога ќе ми завршат обврските околу факултетот, но, како што стојат работите, мислам дека третпат летото ќе го поминам во Охрид.

Неколку пати ја имаш посетено Македонија, што ти остави најголем впечаток?

- Да, веќе четири пати бев во Македонија и постојано имам желба да се враќам кај вас, што досега ми се нема случено со ниедно друго место. Најмногу ме воодушевија непосредноста, позитивната енергија и топлите луѓе. Вие сте вистински домаќини.