Тасева во судир со Европски универзитет за спорен докторат
Дали актуелната деканка на Факултетот за детективи и криминологија ќе даде отказ
Гордана Дувњак
Актуелната деканка на Факултетот за детективи и криминологија, д-р Слаѓана Тасева, дошла во сериозен судир со раководството на Првиот приватен универзитет, Европски универзитет на Бојо Андревски, и размислува да даде отказ. И покрај тоа што почна новата академска година, таа веќе две недели не оди на работа.
Несудениот претседателски кандидат на Македонија, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување корупција, бивша директорка на Полициска академија и сегашен прв човек на невладината организација „Транспарентност - нулта корупција, веќе една година е декан на споменатиот универзитет, каде што е и вонреден професор. Која е причината за незадоволството на Тасева и кои се вистинските мотиви за судирот, никој на Универзитетот не е подготвен јавно да зборува. Но, во кулоарите се говори дека во прашање е пријавата за докторатот на полициски функционер од власта кој е високо позициониран во структурата на МВР, а која не била во согласност со позитивните законски прописи. Тој неодамна магистрирал и веќе се подготвува за докторат.
Официјалниот ПР на Европскиот универзитет, д-р Живко Андревски, кој наедно е декан и на Факултетот за новинарство и комуникологија, вчера ни изјави дека деканката Тасева моментно е на неплатен одмор.
„Тоа не е ништо чудно за Тасева. Но, таа ќе се појави на работа во вторник, за кога е закажана седница на Наставно-научниот совет на факултетот со кој таа раководи“, нагласува Андревски. Тој не сакаше да коментира дали во прашање е некаков судир, останувајќи на изјавата дека „кажал што имал“.
Д-р Тасева вчера во изјава за „Утрински весник“ ни потврди дека е точно оти моментно не е на работа и дека навистина постои „некоја ситуација“ на Универзитетот. „Ми требаше време да размислам, но и да и' оставам простор на другата страна да ги коригира своите ставови. Доколку не се најде решение, ќе одлучам што ќе правам натаму“, ни изјави Тасева во кусиот телефонски разговор, која не ја исклучува ни можноста да си замине од Универзитетот.
Таа не негира дека во прашање е процедурата околу докторатот на висок претставник на МВР, но не сакаше да открива за кого станува збор, а особено детали околу случајот. „Не би сакала сега пред време да зборувам“, додава таа. Тасева вели дека навистина планира да се појави на работа по празниците, кога го очекува исходот од спорот со надлежните.
Факултетот за детективи и криминалистика со кој раководи Тасева од 15 септември минатата година има цел да едуцира високостручни кадри и компетентни лица кои ќе можат да одговорат на работата и надлежностите на Министерството за внатрешни работи во областа на јавната и државната безбедност, Министерството за одбрана во обезбедување на нивните објекти и разузнавањето, Министерството за финансии и Министерството за економија во областа на економското разузнавање, како и подготвување високообразовни кадри за вршење детективска дејност и дејност на обезбедување имоти и лица.
Конституирањето на Факултетот за детективи и криминалистика се базира на одредбите од Законот за високо образование, односно на нормативите и стандардите за основање високообразовна установа. (Г.Д.) |