Георгиевски му пишува на Груевски
Зошто ги штитите кодошите
Георгиевски во отворено писмо го прашува Груевски од што се плаши кога со партиски договор со ДУИ ја опструира лустрацијата
Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, вчера преку отворено писмо до премиерот Никола Груевски ја обвини владејачката партија дека е главен кочничар на доследното и принципиелно спроведување на лустрацијата. Во писмото Георгиевски го прашува Груевски кои се неговите мотиви и од што се плаши кога со партиски договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се заштитени двајца пратеници, за кои Комисијата за илустрација поседувала докази дека биле кодоши.
Експремиерот уште тврди дека Груевски го знае идентитетот на пратеникот - партнер во портокаловата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ. Тој нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ од позиција на власт има можност да расчисти некои контроверзии во однос на наводните соработници на УДБА и ДБК инфилтрирани во партијата.
Груевски вчера од Штип одговори дека воопшто не помислил да ја опструира лустрацијата и некого да заштитува. „Не ми паѓа напамет некого да го закочам или да го заштитам, ако некој си правел такви работи, тој треба да си одговара, независно дали е од ВМРО-ДПМНЕ, дали е од СДСМ, дали е од некоја трета партија или не е од ниту една партија. Пред вас стои еден од најголемите поддржувачи на процесот. Го поддржувам со сите сили овој закон. Тие што го коментираа законот во нивно владеење имаа можност да донесат и спроведат закон, но ниту донесоа ниту спроведоа. Оние што го спроведуваат сега се обвинети за тоа“, изјави Груевски.
„Кои се вашите мотиви за неспроведувањето на овој Закон, за мене остануваат нејасни, но факт е оти ВМРО-ДПМНЕ е кочничар на лустрацијата во Македонија за да биде спроведена доследно и принципиелно. Случајот со заштита од ваша страна на новинарот Драган Павловиќ-Латас беше гротеска, но најновата ваша опструкција на Законот за лустрација станува трагична и претставува сериозен удар врз демократијата во Македонија. Со непријатна изненаденост ја примив информацијата оти сте направиле договор со ДУИ за двајцата пратеници да биде запрена понатамошната процедура“, прашува Георгиевски. Притоа, појаснува дека станува збор за еден пратеник на ДУИ и за еден пратеник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не знам на кое ниво го кршите Законот со блокадата врз работата на Комисијата за лустрација, но сакам да ви напоменам оти таквиот чин е наполно ваша лична морална и политичка одговорност, претежно спрема дваесетгодишната историја на ВМРО-ДПМНЕ. Дотолку повеќе што бездруго вам ви е познат идентитетот на кодошот од вашата парламентарна група“, му пишува Георгиевски на Груевски.
Истовремено го потсетува дека тој бил многу млад за да се сеќава оти истиот човек долги години бил во највисоките структури во ВМРО-ДПМНЕ, а во одреден период дури и нејзин потпретседател. „Луѓето, пак, се сеќаваат на неговата акцентирана припадност на т.н бугарско крило на ВМРО-ДПМНЕ, а јас се сеќавам оти тој човек стана и министер и, конечно, најважното, откако беше сменет од министерската позиција, беше главниот организатор при купувањето шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во 2000 година. Што значи оти тогаш сме имале неуспешен обид на своевиден државен удар организиран од страна на службите за државна безбедност“, вели Георгиевски.
Завршувајќи го писмото, уште еднаш повторува дека е непријатно изненаден поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ континуирано ги заштитува луѓето кои биле соработници на тајните служби. „До ден-денес не ми се јасни вашите мотиви за патронство на подземни сили од ваков сој“, потенцира Георгиевски. (О.В.)
На кого мисли Георгиевски
Георгиевски го знае кодошот од ВМРО-ДПМНЕ. „Тој човек долги години бил во највисоките структури во ВМРО-ДПМНЕ, а во одреден период дури и нејзин потпретседател. Стана и министер и откако беше сменет од министерската позиција, беше главен организатор при купувањето шестмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во 2000 година“
|