Битолчани купуваат станови во Албанија
Се зголемува интересот за живеалиштата покрај море во Саранда, Валона и Драч, кои се нудат за 600 евра од квадрат
БИТОЛА - Наместо куќа под Пелистер, стан на албанското крајбрежје. За ваква инвестиција се одлучиле двaесетмина битолчани кои своите пари ги инвестирале токму во купување станови во Албанија, во градовите покрај Јадранско и Јонско Море. Најбарани се живеалиштата во Саранда, Валона и во Драч, кои се нудат за 500-600 евра од квадрат, а се лоцирани на првата линија до морето.
Ако до лани инвестирањето во Албанија за многумина битолчани беше луксуз и задоволство што можат да си го дозволат само побогатите, сега имаат поинакво мислење. Според нив, тоа е вистинската инвестиција за секој што наумил да вложи во недвижен имот. Причината е едноставна. Становите покрај албанското крајбрежје се за 50-70 проценти поевтини од новите градби во центарот на Битола, чија цена достигнува и илјада евра за квадратен метар. Интернет-страниците за недвижен имот се полни со понуди за нови станови на албанските плажи.
Сопствениците на станови покрај море пресметале дека инвестицијата брзо ќе им се врати, со изнајмување туристи. Од друга страна, фирми што градат станови во Битола се жалат дека продажбата тешко се одвива, а во градот има голема понуда на нови станови.
Битолчанецот Трајан Мирчевски, чија сестра е веќе сопственик на стан во Албанија, вели дека Македонците најчесто инвестираат во помали станови од 45 до 60 квадрати.
„Ова лето заедно со сестра ми тргнавме на одмор во Албанија. Сосема случајно, полицаецот од албанската страна на граничниот премин Ќафасан, кога ја вршеше пасошката контрола, не' праша да не сакаме да купиме стан во Орикум. Тоа е место јужно од Валона. Цената е само 550 евра по квадратен метар, а станот е веднаш вселив. Слатко се изнасмеавме и разговорот продолжи како на шега. Но, човекот беше упорен, остави телефони. Случајно, и ние одевме за Валона. По неколку дена, прошетавме до Орикум. Навистина убаво место“, раскажува Мирчевски.
Тој додава дека најпријатно изненадување била брзината и леснотијата во совладувањето на административните процедури за купување стан. „Откако сестра ми реши да го купи станот, почнаа стравувањата од измама. Сепак, тоа се многу пари. Ама за изненадување, целата процедура за имотниот лист траеше само неколку недели. Тоа не е случај кај нас“, вели Мирчевски. Тој открива дека вложените евра за станот во Албанија веќе почнале да се враќаат.
„Станот му го доверивме на човек од Орикум за да го изнајмува на туристи. И ние тука од Битола се потрудивме да најдеме летувачи, наши познати. Така за десет дена станот го изнајмуваме за 500 евра. Цел август имавме луѓе. Тоа е добра инвестиција“, пресметува Мирчевски.
Неколкумина битолчани имаат станови покрај албанското крајбрежје уште пред три години. Но, познавачите на состојбите тврдат дека заинтересираноста за вложување во недвижен имот во Албанија станува многу поголема.
Сопственик на градежна фирма која продава станови тврди дека во Битола годинава има близу илјада нови стана, веќе изградени или во завршна фаза. Цените за новоградбите во централното подрачје се движат од 700 до 1.000 евра за квадрат. Ако пред неколку децении во Битола годишно се граделе по 3.000 стана, во последните години се градат по 500-600 стана. Па, дури и тие тешко ќе се продадат. Најголемата понуда на станови е во месноста Областа во изградба се пет колективни згради со по најмалку 60 стана.
„Сметавме дека економската криза е причина за незаинтересираноста за нови станови во Битола. Но, нашиот бизнис е загрозен дополнително со конкуренцијата од Албанија. Во центарот на Битола, на улицата ‘Борис Кидрич‘, становите се нудат за 900 евра по квадратен метар, а исти такви градби покрај албанското крајбрежје се само 600 евра. За странците во Албанија нема проблем да вложат во недвижен имот. Ако ова стане мода, отиде нашиот ��изнис“, се жали сопственик на градежна фирма.
Посредник за недвижности, пак, објаснува дека новите станови во Битола, и тоа на периферијата, се нудат најевтино, за 690 евра по квадрат. За истата цена, Албанците нудат луксузни апартмани, со затворени комплекси, со сопствени базен, со постојан надзор и чувари, и тоа на само двесетина метри од морето. (А.Б.) |