Да се биде геј на просторот на поранешна Југославија
Најдобро е да се биде геј во Словенија, а најтешко, освен во Србија, и во Босна, во Косово, Црна Гора и во Македонија, покажува едноставната анализа на бројот на одржаните паради на гордоста, нападите врз нив и подготвеноста на државата да им овозможи слободно искажување на својата сексуална определба на своите граѓани.
Хомосексуалното определување, кое на просторите на поранешна Југославија беше казнено дело се' до 1977 година, за што можеа да се добијат и до две години затворска казна, во некои делови на Југославија претставуваше казнено дело до осамостојувањето на поранешните републики, па дури и после тоа. Словенија, Хрватска, Црна Гора и покраината Војводина во 1977 г. престанаа да го гледаат хомосексуализмот како казнено дело.
Лани во Словенија, една недела пред Парадата на гордоста, беше нападнат локалот каде што се собираа организаторите, а одговорот на власта откако напаѓачите беа уапсени беше заминувањето на министерката за внатрешни работи во кафулето, каде што испи кафе и со тоа покажа дека власта го поддржува и го штити правото на различност.
На првата хрватска Парада учествуваа околу 300 лица од културниот и јавниот живот, кои ја поддржаа геј-популацијата.
Годинешната Парада во Белград ја покажа одлучноста на државата да ги заштити граѓаните од екстремните групи, па најголемиот број повредени доаѓаат од редовите на полицијата.
Во Босна и Херцеговина беше организиран само фестивал во 2008 година, но наместо една недела, тој траеше само една вечер. За време на ноќта разни екстремистички групи нападнаа најмалку 40 лица.
Во Црна Гора, Македонија и во Косово нема организирани Паради на гордоста.
Словениjа
Паради: од 2001 година редовно се одржани 10 паради;
Насилство: во 2009 беа нападнати организаторите;
Санкции: напаѓачите беа фатени и казнети;
Легислатива: Уставниот суд го укина претходниот закон поради нееднаквоста на геј и класичниот брак; новиот закон предвидува посвојување деца во геј-браковите.
Хрватска
Паради: од 2002 година се одржани 9 паради.
Насилство: во 2007 година напад со молотови коктели, четириесетина напади врз геј-лица; во 2008 година антигеј-парада на националистичка партија;
Санкции: организаторот на нападите отслужи две години затвор;
Легислатива: Закон за спречување на дискриминацијата, Закон за истополови заедници.
Босна и Херцеговина
Паради: ниедна досега; во 2008 организиран геј-фестивал, но по неговото отворање, беше прекинато неговото одржување;
Насилство: екстремистичките групи прогонуваа активисти; повеќе од 40 напади; луѓе беа извлекувани од такси-возила и претепувани;
Санкции: нема;
Легислатива: Закон за спречување на дискриминацијата.
Србиjа
Паради: 2001 и 2010 година
Насилство: 2001 г. полицијата ги пушти напаѓачите врз геј-активистите; 2010 г. имаше околу 200 повредени;
Санкции: 75 лица во притвор;
Легислатива: Закон за спречување на дискриминацијата.
Косово
Паради: ниедна; нема ни иницијатива;
Насилство: присутно, повремено;
Санкции: нема податоци;
Легислатива: Уставот ја штити половата ориентација, но е донесен под закрила на меѓународната заедница.
Црна Гора
Паради: ниедна; не постои организирано движење, туку само неколку групи;
Насилство: присутно, повремено;
Санкции: нема податоци;
Легислатива: дискриминација поради сексуалната определба е забранета;
Македониjа
Паради: ниедна; во 2009 г. е одржан протест за толеранција и еднаквост на кој се појавува и знамето со боите на виножитото;
Насилство: присутно, повремено;
Санкции: нема податоци;
Легислатива: спорен Закон за спречување на дискриминацијата во кој е изоставена заштитата на геј заедницата.
Извор: (Јутарњи лист) |