Министрите пак ќе ги мирисаат цвеќињата

Александрија Стевковска

Министрите никако не сакаат да се откажат од убавото цвеќе во своите кабинети. Криза си е криза, ама сивило во нивните кабинети не смее да има. Напротив, и следната година убавите канцеларии ќе ги краси свежо и саксиско цвеќе.

За таа цел, Владата е подготвена да плати 32 илјади евра во период од една година, почнувајќи од овој месец. Притоа, ништо не се препушта на случајот. Ќе се набавува сечен цвет и внатрешни саксиски растенија, за внатрешните простории. Покус нема да остане ни надворешниот простор што ќе се облагородува преку набавка на надворешни садници, сезонски расад, саксии и жардиниери, изнајмување солитери во саксии и аранжирани жардиниери и изнајмување (аранжирање) слободен простор со растенија.

Задолжена за спроведување на целата оваа акција е Службата за општи и заеднички работи на Владата. Во известувањето за склучен договор за јавна набавка стои дека договорот за набавка е во времетраење од 18.10.2010 година до 18.10 2011 година. Постапката на водење на набавката била отворена, без меѓународна објава, а клучен критериум за доделување на договорот за јавна набавка била најниската цена. Била добиена една понуда со највисока и најниска понуда од 99.200 денари или 1.600 евра, што се всушност понуди за различните видови цвеќиња.

Договорот за набавка на цвеќе е склучен со Друштвото за трговија на големи и мало и услуги „Флорастат“ ДООЕЛ експорт-импорт.

Крајната вредност на склучениот договор со вклучен ДДВ изнесува 200 милиони денари или 32 илјади евра. Со сето ова цвеќе ќе се разубавуваат внатрешни и надворешни простори во Скопје, Охрид и во Дојран, кои се наведени како места на испорака на стоката или извршување на услугите.

Од Службата за општи и заеднички работи на Владата велат дека станува збор за транспарентно спроведена процедура.

„Ваквите договори можат да бидат склучени и во случај да има доставено само една понуда, како што беше во овој случај. Се работи за годишен договор за набавка на сечени цвеќиња и саксиски растенија и надворешни садници и сезонски расад, во кој клучен параметар беше цената. Тоа што во информација на Бирото за јавни набавки стои дека највисоката и најниската добиена понуда изнесува 99.200 денари значи дека станува збор за сума наведена во спецификацијата која служи за компарирање, за на крај различните ставки да ја дадат крајната сума за набавка“, информираат од Службата за општи и заеднички работи на Владата. (А.С.)


#