02.03.2012, 17:50 Мислења
Ќе биде ли забранета опозицијата?
Ѓорѓи Спасов
Опозицијата има обврска да демонстрира моќ, а не само да повторува што правел Груевски
За разлика од демократските земји, оние кои така не можат да се означат се одликуваат со власт која не поднесува опозиција. Постојат два вида такви недемократски режими. Едни во кои опозицијата е со закон забранета (како во Северна Кореја, Кина, Куба), познати како еднопартиски системи; и други, како што е Белорусија, во коja формално опозициските партии не се забранети, но во коja партијата на власт ги третира опозициските партии како непријателски групи или како остатоци од „стариот“ режим.
Ако Македонија се анализира врз основа на овие критериуми во овој момент, според многу елементи од дејствувањето на актуелната власт, поблиску сме до вториот вид политички систем. Недостасува само уште да го протераме амбасадорот на САД затоа што НАТО не ја признава пресудата од Хаг.
Од победата на Груевски во 2006 година, а особено од победата во 2008 , Македонија влезе во фаза во која клучниот елемент за зачувување на власта не е исполнувањето на изборните ветувања, туку политичкото оневозможување на опозицијата во однос на која било глупост на власта. Опозицијата не е формално забранета со закон, но со сите инструменти на власта е ставено јасно до знаење дека она што се нарекува политичка опозиција, всушност, е една „криминална банда за која најдобро би било да биде уапсена“. Тоа според пропагандата на некои од владините миленичиња во медиумите е еден сој на луѓе познат во историјата како „национални предавници кои заслужуваат смрт, а не власт“. А враќањето на таква партија на власт во земјата би значело враќање на власт на еден комунистички режим кој е виновен за сите зла во минатото и за време на транзицијата. Затоа, според таа пропаганда, секој што јавно подржува или не дај боже финансира партија од опозицијата, е непријател не само на партијата на власт, туку и на земјата. И, замислете, тоа доаѓа од една партија во чии редови се наоѓаат многу довчерашни сојузници на таа опозиција, како што му беше Груевски на Георгиевски, Ѕинго и Стојменов на Бранко Црвенковски, Амди Бајрам на сите и многу други.
И во демократските земји за време на изборите политичките консултанти препорачуваат „противникот да се смести во некој темен агол и таму да се чува колку што е можно подолго“. Но, таму противникот има можности да се одбрани. Во Македонија, на противникот му се одземени сите средства за одбрана, а Груевски ги користи сите инструменти за политички притисок.
Во прв ред се медиумите. Јавниот радиодифузен сервис функционира како во времето на еднопартизмот и неговата информативна програма е сведена на борба против „класниот и националниот непријател“, при што редовно се нагласува дека Македонија под водство на Водачот, секој ден, во секој поглед, се' повеќе и повеќе напредува. Уште послободни на тој план се телевизиите чии политички превртливи сопственици се денес дел од највисокото раководство на власта и чиј бизнис зависи од милоста на власта. Секој што на тој план би се обидел да ја расипе сликата на власта за опозицијата и да и' остави простор за јавно дејствување може да биде уништен како медиум и затворен заедно со неговиот сопственик. Оцените за загрозената слобода на медиумите оваа власт не ја интересираат.
Бидејќи опозицијата е дефинирана како „непријател“, а не како легален и легитимен преставник на голем дел од народот, Груевски смета дека нема што да разговара или да дебатира со „непријателот“. Освен во Собранието, кај што не може да ја избегне опозицијата и кај што и' предвидува „политичка смрт“ власта не дебатира со претставници на опозицијата во медиумите, бидејќи „тие претставници немале кредибилитет да ја критикуваат и контролираат власта“ и не биле достојни да разгов��раат на рамна нога со неа. Власта преку медиумите што ги држи под контрола разговара само со народот и тоа со оној дел од својот народ кој само неа ја почитува или од лицемерство јавно го изјавува тоа. Овој модел на избегнување јавни дебати дополнително ја праќа пораката дека опозицијата во земјава не заслужува рамноправен статус, таа е неважна, непријателска, предавничка и опасна за иднината на Македонија. Секој што ќе и' додели на опозицијата статус на релевантен политички субјект е веќе непријател на власта.
Пропагандата од овој вид, како што ќе забележи Хана Арент, во „Изворите на тоталитаризмот“ ни случајно не би била толку ефикасна ако не е комбинирана со реални закани и репресии кон политичките неистомисленици. Водачите на таквите режими често во улога на пророци јавно претскажуваат дека „ако така продолжи опозицијата, може нешто уште полошо да ја снајде“.
И почнува да ја снајдува. Во првата фаза, некој од опозиционерите ќе остане без работа, некој нема да биде примен на работа, трет ќе биде деградиран или нема да напредува, четврт треба да заборави на можноста за водење приватен бизнис... Во подоцнежните фази таквата власт може да посегне и по апсење на политички лидери, кон затворање опозициски медиуми, осудување новинари, откривање кодоши, предавници и криминалци само во редовите на опозицијата и казнувања на некои опозициски бунтовници за пример на сите останати. Во такви услови, некој да каже дека би и' помогнал, легално, финансиски на опозицијата е исто како да изјавил дека ќе финансира терористичка организација.
Деновиве откако Љупчо Георгиевски изјави дека Груевски ќе си има со него работа на следните избори, Тодор Петров, кој беше еден од кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Македонија, побара од Груевски да биде забранета партијата на Георгиевски. Оттука само прашање на денот е кога и ДУИ може да побара да се забранат ДПА или НДП, или ВМРО да побара да се забрани СДСМ ако се оцени дека станува опасност за зачувувањето на власта.
Опозицијата во такви услови не може да се надева на фер избори и нема големи изгледи на успех. Таа веројатно ќе биде принудена, преку протести и со меѓународна подршка, како пред паѓањето на комунизмот, прво да се избори за фер третман во медиумите. За изборен законик донесен со консензус. За јавна финансиска подршка со која ќе учествува рамноправно на изборите. За забрана за кандидирање на полициски функционери и службеници. И за спречување на злоупотребата на државните фондови и јавниот радиодифузен сервис за партиски цели на власта. Таа мора да биде способна, на пример, да ги повика оние 400 илјади граѓани што гласаа за промени на власта да престанат да плаќаат радиодифузна такса за сервис кој не е во функција на граѓаните и да излезе од состојбата на нем набљудувач. Треба да повика на промени за кои граѓаните со колективна акција, граѓанска непослушност или отпор можат да ги остварат. Во спротивно, сегашната власт ќе ги смета за наивни и ќе им повторува колку пати ги победувала на избори.
Оваа власт сака избори во такви околности и по секоја победа мисли дека се стекнала одново со лиценца за угнетување на своите политички неистомисленици. Затоа опозицијата има обврска да демонстрира моќ, а не само да повторува што правел Груевски.
(Авторот е универзитетски професор)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде моќен и влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат некои од нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на друга политичка личност или личност од која било сфера. „Утрински весник“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |