06.10.2011, 17:58

Си велам

Почит кон првиот претседател

Ерол Ризаов

Глигоров е нашиот човек на континуитет и крунски сведок

Првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, по многу нешта е феномен. Ја троши 95. година од животот, спокоен дека историјата ќе го смести таму каде што му е местото, без оглед колку е сега голема турканицата за влез во алејата на великаните и за запишување преку ред во списокот на заслужни дејци за самостојна Македонија. Медицински и биолошки феномен не е само поради долговечноста, туку и поради сложените и тешки операции што ги издржа по атентатот на 3 октомври 1995 година. Деновиве се навршија точно 16 години од овој злосторнички чин за дестабилизација на Македонија. Вообичаено се одбележува со по некој новински текст кој се' уште интригира, помалку возбудува, а повеке потсетува на една од најголемите мистерии од поновата историја на Македонија.А, неуспешната истрага некогаш повеќе е добар повод да се собере некој дневнополитички и партиски поен, отколку да се поттикне откривањето на една од најголемите тајни од трнливиот пат на независноста на Македонија.

Претседателот Глигоров го преживеа атентатот, ја преживеа и Втората светска војна, го преживеа социјализмот и самоуправувањето, а еве ја премавнува лека-полека и тешката и мачна македонска транзиција. Тоа е нашиот човек на континуитет, крунски сведок на многу значајни историсики настани, политичар кој живее и работи во три општествено-политички и економски системи. Во Кралството Југославија, во Титова Југославија и во независна и самостојна Република Македонија. Секогаш на значајни позиции, еден од креаторите на југословенските стопански реформи, посветен на македонските национални интереси и афирмација на Македонија без оглед на политичкиот систем. Од записничар на историската седница на АСНОМ на 2 август 1944 година кога е прогласена првата современа македонска држава до претседател на Собранието на Југославија и до претседател во два мандата на првата независна македонска држава, Киро Глигоров помина возбудлив и мошне интересен животен пат на државник и општесвеник , кој е еден од синонимите на македонската независност и на вековните стремежи на безбројни македонски дејци и генерации кон сопствена држава.

Секакви чуда се нагледавме во овие две децении транзиција. Ете, го доживеавме и тоа да видиме како мудрите Словенци дојдоа да му се заблагодарат на нашиот Глигоров за нивната независност и да му предадат Повелба за тоа што тој го направил за Словенија.Без оглед дали тој можел лично да присуствуа или не на тој чин.За нашата независност, пак, нашите големи преродбеници го заборавија својот прв претседател. Му испратиле покана три дена пред прославата, ама ете Глигоров не дошол. Така ли се кани прв претседател на државата на историски јубилеј. Ако се имаше чувство на државност и почит кон основачите на независна Македонија, покрај сите други кои, исто така, не дојдоа најмногу поради еднопартиските бои на јубилејот, Киро Глигоров мораше да биде централна фигура на големиот празник - 20 години независност, како што беше и на денот на прогласувањето на независноста, без оглед дали тој или некој друг е позаслужен за самостојноста на Македонија и без оглед дали бил во можност лично да присуствува, или не на прослвата на 20 годишнината на независноста. Актуелните денешни политичари во своите говори не го спомнаа првитот преседател на Независна Македонија. Секогаш првиот претседател е прв претседател. Тоа не може да се избрише. Секаде тоа е симбол на независноста на една држава. Нашите нови патриоти, како и сите револуционери кои не испукале ниту еден куршум , мислат дека времето почнува да се брои од нивното доаѓање на власт. Пред нив немало ништо.

Деновиве бевме сведоци на еден значен настан што дава најиздржан одговор за најжестоките критики што му се упатуваат на претседателот Глигоров во врска со името на Р. Македонија и нејзиниот прием во ОН 1993 година со референцата ПЈРМ (Поранешна Југословенска Република Македонија). Го слушнавме говорот на Генералното собрание на ОН на Махмут Абас, претседател на Палестина. Ги слушнавме и несоборливите историски, правни и политички аргументи зошто Палестина треба да биде независна држава. Ги слушнавме и долготрајните аплаузи, овации на огромното мнозинство земји во светот што ја поддржуваат палестинската независност. Уште не стивна вознесот и еуфоријата кога стаса студеното предупредување од Америка, членка на Советот за безбедност на ОН, каде што пет земји, постојани членки, владеат со светот според своите интереси и според тоа како тие го разбираат светскиот поредок. Американското вето за палестинска држава му беше најавена на Махмут Абас. Ќе биде и натаму долг и тежок патот на Палестинците за своја држава. А се' додека не стане држава призната од ОН, ќе биде сметана за сива зона, ничија територија, каде што важат други правила. На посилниот.

Така беше и со Македонија. Бев сведок на тие настани во Њу Јорк, во ОН. И претседателот Глигоров беше предупреден дека Франција, еден од петте светски џандари, ќе и' стави вето на самостојноста на Македонија ако тоа биде под уставното име. Политичките интереси го налагаа тоа без оглед што во светската историја Франција е запишана со големи букви како носител на најголемата придобивка на народите за самоопределување. Францускиот претседател Франсоа Митеран,тогаш, еден од највлијателните луѓе на Европа со голем авторитет и поборник на демократијата, му рече срамно НЕ на својот почитуван уставен судија Робер Бадентер, кој прв од светските експерти за меѓународно право кажа дека само Р. Македонија и Р. Словенија ги исполнуваат сите услови за признавање на нивната независност. Така вели меѓународното право, но не вели така политиката и интересите. Претседателот Глигоров одбра да не бидеме ничија земја, одбра да станеме членка на ОН, како земја на Македонците и на сите други што живеат во неа. Настаните во овие речиси две децении покажаа дека не згрешил. Лесно, мошне лесно можеше да се случи Македонија, како сива зона, се' уште да чека на прием во ОН, како што чека за прием во ЕУ и во НАТО иако и меѓународното право и правда се на нејзина страна, иако ги исполнува сите услови за тоа.

Претседателот Киро Глигоров е најзаслужниот човек што Македонија без ниту една жртва, без ниту еден испукан куршум е единствена држава од бивша Југославија што ја испрати Југословенска армија со потпишан договор. Промилошевиќската агресивна армада си замина грабајќи се', омразена од народот. Глигоров влезе во колективното памтење со својот став: „Нека носат се'. Само еден човечки живот вреди повеќе од сето тоа оружје“.

Само ова да го направеше првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, беше доволно за почит. Почитта кон првиот претседател на Р. Македонија е почит кон себе и својата Татковина.