Отказите во Канал 5 стигнаа до Брисел
За отпуштените новинари од Канал 5 се заинтересира и aмбасадата на САД, која вчера ги повика на средба
Билјана Јовановска
Случувањата со политичките притисоци кои резултираа со откази на деветмина новинари во телевизијата Канал 5 дојдоа и до Брисел, поточно до еврокомесарот за проширување во ЕУ, Штефан Филе. Како што неофицијално се дознава, отворените писма што отпуштената новинарка Весна Ковачевска-Трпчевска им ги испратила на премиерот Никола Груевски и на сопственикот на телевизијата, Емил Стојменов, а кои ги доставила и до амбасадорот Ерван Фуере, биле препратени и на повисоки инстанци во седиштето на ЕУ.
За отпуштените новинари од Канал 5 се заинтересира и амбасадата на САД, поточно амбасадорот Филип Рикер, кој е на пат, но, како што им било речено на средбата со Анџела Агелер, советничка за односи со јавноста, „амбасадорот со внимание ги следи последните случувања“.
Во разговорот присуствуваа само дел од новинарите кои добија откази, некои се на одмор, а еден колега се' уште не е информиран и дека останал без работа!?? Советничката на амбасадорот Рикер била изненадена од последните настани во оваа приватна телевизија, особено од начинот како им биле дадени отказите.
Една од новинарките, на пример, добила куса СМС-порака од главната уредничка Лидија Богатинова, во која пишувало „Јави се, ургентно е“... А, потоа, кога колешката се јавила од одморот во Грција да и' соопшти: „Те молам, дојди поскоро за да го потпишеш отказното решение!“
На средбата во амбасадата на САД, советничката Агелера се интересирала за какви се' прекршувања на законите станува збор во случајот на отпуштените новинари, особено на Законот за работни односи, но и како се заштитени новинарите од влијанијата на газдите и на политичарите. Воедно, била изразена скепса дека Здружението на новинари на Македонија нема начини за заштита на новинарската фела и оттаму било побарано што поскоро да се реформира. Агелера ги информирала новинарите дека обиди за политички притисоци има и во САД, но таму постојат силни новинарски здруженија и синдикати, а законите мора да се почитуваат.
Преписката меѓу отпуштената новинарка Весна Ковачевска-Трпчевска со премиерот Никола Груевски, кој вчера телефонски и' се јавил, со несмален интензитет продолжи и вчера. Во обраќањето таа тврди дека Редакцијата на Канал 5 на интерфон ги слушала директивите што на новинарите и на уредниците им ги давал Мартин Протоѓер, шеф на Кабинетот на премиерот Груевски.
Во писмото-одговор на демантот на Владата и разговорот со премиерот Груевски, нагласувајќи дека не сака да ги доведе колегите во непријатна ситуација и да ги посочи имињата на оние врз кои е вршен директен притисок од Протоѓер, Ковачевска-Трпчевска пишува: „На уредници и на новинари кои работат во Канал 5, лично Вашиот шеф на Кабинет, Мартин Протоѓер, им диктира која тема да биде наметната во јавноста, како и кој да ја работи. Или што да не се работи. Не тврдете дека не било така, зашто прашање на време е кога и некој од тие колеги ќе се охрабри да проговори лично“. Натаму, во писмото таа открива како Протоѓер влијаел на уредувачката политика во Канал 5: „На Вашите изјави се испраќаат полуискусни новинари со кои се договара кое прашање да не биде поставено. Ако и некој новинар имал намера да Ви постави прашање за својата тема, директно од Вашиот Кабинет се интервенира до врвот на телевизијата, кој му наложува на репортерот да не го постави прашањето. Во последен момент се проценуваат за непотребни, веќе сработени прилози договорени на почетокот од работниот ден“.
Реплицирајќи му на Груевски на тоа дека нејзината реакција е паушална, отпуштената новинарка тврди дека дел од тие директиви ги почувствувала и лично. Во писмото, Ковачевска-Тренчевска уште вели: „Почитуван премиеру Груевски, го почитувам тоа што завчера ми се јавивте пред д�� го пуштите соопштението во јавноста. Тоа е доблесна реакција и Ви благодарам, најискрено. Ми рековте и јас сакам да верувам дека Вашиот Кабинет не стои зад десеткувањето на Редакцијата.
Но, не ми одговоривте – постојат две алтернативи за однесувањето на Вашиот шеф на Кабинетот Протоѓер. Едната Вие ја отфрлувате, дека Вие му наложувате на Протоѓер да биде главен и одговорен уредник на неколку медиуми. Тогаш, втората алтернатива е дека Протоѓер, најблискиот човек до Вас, самоиницијативно пишува од заднина, прима и отпушта луѓе. Затоа Ве прашав – ако толку непослушни има во Вашиот Кабинет, господине Груевски, зошто не преземете нешто?! Вие сте шеф“.
Со партиска реакција на последните настани се јави и Обединети за Македонија, кои бараат од двоецот Груевски-Протоѓер да ги тргнат рацете од медиумите.
Раководството на телевизијата возвраќа
Непосредно пред затворањето на весникот ја добивме и писмената реакција на писмото на Ковачевска-Трпчевска потпишана од раководството на Канал 5, во кое се вели: "За да не се продолжи со печатењето невистини и со девалвирањето на одредени личности и на една цела компанија, ја информираме јавноста дека во ниту еден момент немало формулација 'признал' или, пак, е изречен став за некакви 'апстрактни критериуми'. За волја на вистината, ТВ Канал 5 не и' врачи отказ на односната новинарка, туку и' предложи спогодбено раскинување на договорот. За појаснување и за прикажување на вистината пред јавноста, во телевизијата постои т.н. електронско евидентирање на присуството на работното место, како и датотека за бројот на сработени задачи... е тука лежи зајакот, кој во овој случај е поголем и од мечка".
Како што натаму се наведува "според евиденцијата, г-ѓицата не била на работа со месеци, а тоа било толерирано не поради други причини, туку само затоа што сме биле свесни дека е самохрана мајка". (Б.Ј.) |