Семејството на фармерот Душко живее во страв

Дали самоникнатата марихуана во нивата со компири ќе ја запечати судбината на Илиевски?

БИТОЛА - Страв, немир и неизвесност царуваат во куќата на битолскиот фармер Душко. Дали самоникнатата марихуана во нивата со компири ќе ја запечати судбината на семејството Илиевски? Браќата Душко (34) и Цане (37) и таткото Томе (57) се осомничени за недозволено производство и пуштање во промет на наркотички дроги и прекурзори. Но, се' уште чекаат одговор од битолското обвинителство дали ќе бидат ослободени од гонење или ќе бидат осудени на затвор за кривичното дело за кое се товарат.

„Имам страв дека нешто ќе ни наместат. Не верувам веќе ни во суд ни во полиција“, вели револтирано Душко Илиевски, поранешен водач на протестите на пропаднатата млекарница „Сведмилк“.

Судбина или поигрување на власта со обично македонско семејство? Ни самите Илиевци не знаат како да го протолкуваат ова што им се случи летово. Тие живеат со траумите од приведувањата и она што го доживеаја тие 12 дена во јули годинава поминати во притвор во битолскиот затвор. Згора на сета мака, на грбот ги притиска сиромаштија. Илиевски ги продадоа сите 40 крави и оставија само една, колку да има млеко за нивните четири деца. Сега десетте члена на семејството живеат крпен живот. Продаваат компири на битолскиот пазар.

Сепак, Душко Илиевски вели дека празните стомаци не им се најголема грижа, туку одлуката на обвинителството.

„Од 15 јули, кога не' апсеше полиција, истрагата не завршила. Немаше ниту место за притвор, ама ете и тој го преживеавме. Мислам дека овде е тешко да се најде независен судија, се' е под притисок на власта. Истрагата за нашиот случај е катастрофа. На 21 септември истражниот судија ги испрашуваше припадниците на полицијата, кои не апсеа. Не знаеја што зборуваат. Прво кажаа дека 20 дена не сме биле во нивата, а тие не' следеле. Но, молчеа кога моите адвокати ги прашаа кој го менуваше бренерот за наводнување на тревата. Едноставно, немаа одговор. Дел од тие инспектори пред да се вработат в полиција, беа од другата страна на законот. И сега во каква полиција јас треба да верувам?“, прашува растревожено поранешниот фармер Душко. Случајот, кој битолската полиција го продуцираше со самоникнатата марихуана без оглед на исходот засекогаш ќе остави длабоки лузни во животот на семејството Илиевски, а особено за децата.

„Не е само спектакуларното приведување и одредувањето притвор. Полицијата доставуваше информации до некои медиуми дека јас сум бил семеен насилник и дека сум тепал по дома. Потоа дека сум крадел. Ако е така, каде се пријавите дека сум бил осудуван или се' е на жими мајка. Тоа беше сценарио за да ме уништат како човек, сопруг и татко. И што направија? Останаа само траумите кај мојата три и полгодишна ќерка и внучињата. Децата заборавија да се смеат. Откако не' видоа на телевизија со лисици на раце, се наоѓаат под стрес“, зборува со гнев и очај Душко Илиевски.

Последици за здравјето од 12-дневниот притвор се' уште чувствува и таткото Томе. Иако на затворските служби им било предочено дека има проблеми со срцето, не му била укажана соодветна лекарска помош.

За случајот „Илиевски“ се заинтересирале и од ОБСЕ. Душко вели дека минатата недела ги посетиле и се интересирале за дивата марихуана, каде расте и со каков квалитет е...

„Ги однесов во нивата каде што се' уште има стебла од самоникната марихуана. Но, и по текот на реката Драгор за да видат дека таму има илјадници стебла со тревата канабис сатива. Иста е сликата и во цело Градско Поле. Ама никој не отишол во притвор за тоа. Се распрашуваа и за најголемиот штрајк кога го направивме со фармерите од ‘Сведмилк“, кога ги блокиравме патиштата околу Битола“, додава Илиевски.

Целата приказна околу случајот почнува и завршува со политика, оценува поранешниот фармер. Душко смета дека сево ова што го преживеаја тој и семејство се должи на неговиот говор на митингот на опозициската СДСМ во јуни годинава во Скопје.

„Знам дека се' почна оттаму. Целта на власта беше да ме заплаши мене, но и сите што мислат како мене. Ама јас не запрев таму. Зборував и на митингот на СДСМ во Прилеп, и тоа на 11 Октомври. И тогаш и сега го кажав мојот став кон актуелната власт, дека не' уништија и како сточари и како луѓе. Нашата борба ќе биде иста како и на генерацијата пред 69 години. Тие тогаш се бореа за да направат држава, а ние сега за да ја зачуваме нашата држава“, потенцира Душко Илиевски.

Истрагата за одгледување марихуана на тројцата осомничени од семејството Илиевски заврши. Ова го потврдува истражната судијка Милка Бизевска, прецизирајќи дека предметот е затворен на 23 септември, а наредниот ден е стасан во Обвинителство.

„Истрагата траеше подолго време, бидејќи Обвинителството побара дополнување на истрагата. Имаше вештачење и дополнителен распит на сведоци“, објаснува истражната судијка Бизевска, инаку портпаролка на Основниот суд во Битола.

Според Основниот јавен обвинител од Битола, Петар Аневски, до крајот на оваа недела или најдоцна наредната Обвинителството ќе се изјасни за Илиевски. „Предметот е кај нас. Деновиве ќе се одлучи дали против нив ќе биде поднесено обвинение или ќе бидат ослободени од гонење. Трета варијанта е да се побара уште едно дополнување на истрагата“, потврди обвинителот Аневски.

Додека Обвинителството одлучува што натаму со осомничените Илиевски, сточарот Душко се бори со секојдневните проблеми. Вчера таман отиде на пазар да продава компири, му се расипа тракторот. Тој вели дека едвај вади пари за леб, а камоли за поправка на машината. Во вакви ситуации најмногу е лут на политичарите, кои цело лето со лаковани чевли парадираа и се сликаа на неговата нива со комипири, правејќи си личен маркетинг на маката на неговото семејство, а сега никаде ги нема.

„Уништен сум како сточар. Останав со една крава. Млекарницата ми должи 40 илјади евра за предадено млеко. Сега тонам и како земјоделец. Оваа година произведов над 100 тони црвени и зелени пиперки. Црвените ми ги платија по 13 денари за килограм, а зелените по 5 денари. Тотална катастрофа. Дванаесет до тринаесет тони пиперки скапаа во дворот на фармата. Сега единствен спас се компирите. Со нивна продажба се надевам дека ќе ја поминеме зимата. Колку за преживување“, се надева Душко Илиевски. (А.Б.)


#