02.05.2012, 16:53 Медиумите на албански јазик со сомнежи за „Монструм“
Во написите се наведува дека меѓу уапсените има пензионери и жени, кои ни оддалеку не можат ниту да заличат на терористи
Медиумите на албански јазик настапуваат со сомнежи со доза на иронија во написите посветени на акцијата „Монструм“, во која беа уапсени 20 лица. При известувањето, новинарите особен акцент ставаат на тоа дека меѓу притворените има лица кои на полицијата, најверојатно, и' личеле на терористи. Се наведува и дека уапсените се под сомнение за петкратното убиство кај Смилковци, а дека кривично се гонат за тероризам.
„Пензионери, една повозрасна домаќинка од Липковско и граѓани со разни занаетчиски професии е билансот на акцијата на МВР изведена во понеделникот рано наутро“, пишува весникот „Коха“, во кој е пренесен и профилот на дел од уапсените. Овој весник се издвојува по тоа што има повеќе написи, информации, но и анализи за акцијата на МВР. Во вчерашното издание, не само печатеното, туку и електронското, покрај другите, се забележува и насловот „Убијците божем биле радикални исламисти“, кој уште во самиот почеток упатува на сомнежи. Во него се издвојува изјавата на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, дека се уапсени сторителите на петкратното убиство кај Смилковци“, но натаму додава дека „притворените се радикални исламисти кои се бореле во Пакистан и во Авганистан на страната на талибанците против НАТО“. Во пошироката анализа на овој весник се истакнува и дека Јанкулоска признала оти обвинетите немале мотив за петкратното убиство, туку дека го направиле за заплашување на населението“. На крајот од овој поопширен текст се прави и споредба со случајот „Раштански Лозја“ од пред десет години, во кој беа убиени Пакистанци, наводно, под сомнение за поврзаност со Ал Каеда.
Телевизијата Алсат-М информира повоздржано, пренесувајќи дека приведените вчера биле изведени пред истражен судија и дека се очекува да им биде одредена мерка притвор. Истовремено, истакнуваат и дека нема докази дека тие биле дел од петкратното убиство, но дека ќе биде поднесена кривична пријава за „тероризам“.
Неколку сомнежи се наведуваат и во едиторијалот на весникот „Лајмпрес“ во кој, исто така, се поставува прашањето каква може да биде улогата во терористички чин на 63-годишен човек или на повозрасна жена од Липковско, која живеела сама, бидејќи нејзините синови емигрирале во странство. Според овој весник, уште поголемо е сомневањето дека МВР немало сознанија за лицата кои се бореле против НАТО во Авганистан и во Пакистан, но и се додава дека можеби се работи за тоа дека полицијата знаела за нив, но дека чекала да ги разоткрие кога би имало случај како овој кај Смилковско Езеро. (Св.У.) |