„Фејсбук“ ги мами вработените, шефовите не го сакаат

Многу компании почнаа да го забрануваат користењето на социјалните мрежи, со цел да ја подигнат работната дисциплина

Александрија Стевковска



Дружење со пријателите преку „Фејсбук“ за време на работа – „лајк“. Забрана за користење на „Фејсбук“ во работното време – „донт лајк“.

Комуникацијата со пријателите и познајниците додека се наоѓаме на работното место почна да ги деконцентрира вработените, па користењето на „Фејсбук“ и на другите социјални мрежи многу компании почнаа да го забрануваат, со цел да ја подигнат работната дисциплина.

Прва во земјава на која и' текна да го забрани пристапот до социјалните мрежи беше Владата и нејзините институции, кои очигледно претчувствуваа дека „Фејсбук“ ќе стане омилен тип на комуникација меѓу луѓето, па нивните администратори навреме ставија забрана за отворање на ваквите страници.

Поголемите државни компании, исто така, немаат пристап до комуникацијата со своите пријатели преку социјалните мрежи. Причината не е зголемување на продуктивноста, туку заштита на системот од вируси, спамови и слично.

„Вработените во компанијата немаат пристап до социјалните мрежи и до страните кои обработуваат забавни содржини, како „Јутјуб“ и тоа е така со години наназад. Непристапноста до ваквите страници не е поради одржување на работната продуктивност, бидејќи постојат други начини за таа да се измери и поттикне, туку едноставно тоа е начин компанијата да се заштити од вируси и спамови кои таквите страни можат да ги внесат во системот“, вели Мирче Котевски од ЕЛЕМ.

Поголемите приватни фирми сами ја кројат политиката дали „Фејсбук“ ќе им го дозволат на вработените. Некои од нив воопшто немаат дозволен пристап до социјалните мрежи или тој пристап го ограничуваат.

„Немаме официјална забрана за користење на социјалните мрежи за време на работа, но немаме ниту пристап до нив, бидејќи се ограничени Интернет-услугите до вработените. Освен тоа, ние сме приклучени во еден систем со австриската и бугарската мрежа поради што доаѓа до преоптовареност на системот и користењето на мрежите за дружење и забавни содржини станува невозможно“, објаснува Ленче Карпузовска од „ЕВН Македонија“.

И останатите големи компании имаат делумен пристап до страните за социјално зближување на луѓето.

„Вработените во одредени области имаат пристап до социјалните мрежи, како еден од облиците за комуникација со надворешниот свет. Некои наши продукти имаат профил на ’Фејсбук‘, па нормално е дел од вработените кои ги ажурираат тие страни да можат да се приклучат на нив. Сепак, оставено е на вработените приклучувањето кон ваквите страни да не го злоупотребуваат. Останатите немаат пристап до социјалните мрежи, а внатре во компанијата имаме интерен начин за комуникација, кој овозможува постојан контакт меѓу вработените“, велат од „Македонски телеком“.

Приватните помали фирми немаат забрането користење на социјалните мрежи, но оставаат на совеста на вработените тие сами да си го ограничат сурфањето на мрежите кои социјално ги зближуваат луѓето.

„Се' што ги деконцентрира вработените за време на работните часови, а тоа го прават социјалните мрежи, посебно ’Фејсбук‘, не е оправдано. Неговото користење треба да биде ограничено, но не треба компанијата да биде таа која ќе го ограничи пристапот до новите ИТ-достигнувања, бидејќи тогаш желбата за користење ’Фејсбук‘ ќе биде уште поголема. Со оглед на тоа дека секој вработен има компјутер и пристап до Интернет, тие треба самите да бидат свесни колку и кога ќе бидат приклучени на ’Фејсбук‘“, вели бизнисменот Мирче Чекреџи.

Според него, клучни во обезбедување на работната дисциплина се токму менаџерите. „Лицата кои раководат со фирмите треба да најдат начин како да го ограничат приклучувањето кон социјалните мрежи на своите вработени, а доколку тие, сепак, претеруваат со дружењето на ’Фејсбук‘, тогаш треба да применат дисциплински мерки, со цел попродуктивно да се користат работните часови“, додава Чекреџи.

Во светски рамки, според истражувањето спроведено во 2009 година од страна на компанијата „Профпоинт“, осум проценти од компаниите со повеќе од 1.000 вработени отпуштиле некого поради активности на социјалните мрежи, бројка која е двојно поголема од онаа во 2008 година. Не изненадува тоа што оптуштањата поради користење „Фејсбук“ се во подем. Се набројуваат неколку примери. Една навивачка на „Њу Ингланд патриотс“ била исклучена од тимот поради тоа што на својот профил на „Фејсбук“ закачила контроверзни фотографии. Таа била отпуштена од тимот откако менаџментот ги видел фотографиите објавени на неколку веб-страници. Британска тинејџерка била отпуштена откако за својата работа кажала дека е „досадна“. Таа на својот профил објавила коментари „Прв ден на работа. Беше многу досадно. Се' што сработив беше што исечкав неколку парчиња хартија“. Откако нејзиниот шеф ги забележал коментарите, таа била отпуштена.

Една Швајцарка била отпуштена поради тоа што се јавила на работа да каже дека не може да дојде бидејќи е болна, а потоа се приклучила на „Фејсбук“. Наводно, жената имала мигрена, па се јавила на работа да каже дека веројатно поради светлината од компјутерот болките ќе и' се зголемат, па мора да лежи во темна просторија. Кога нејзиниот работодавец ја фатил на „Фејсбук“, претпоставил дека таа е доволно здрава да седи пред компјутер и ја отпуштил.

Професорка по географија во едно средно училиште била принудена да поднесе оставка откако бордот на училиштето ги видел фотографиите на кои таа пие пиво и вино. Фотографиите биле прикачени на нејзиниот профил на „Фејсбук“ и биле снимени за време на летниот одмор кога таа ја посетила пиварницата „Гинис“ во Ирска. Таа поднела тужба против училиштето и се очекува есенва да излезе пред суд.


#