Мислења

Од диктатура до демократија

Ѓорѓи Спасов

Американецот Џин Шарп стана познат како автор на најдоброто упатство за ослободување од стравот во недемократските режими

Американскиот претседател Хари Труман има речено: ,,Кога една влада ќе се реши да ја замолчи опозицијата, нејзе и' останува само еден единствен начин на владеење. Тоа е владеење преку зголемување на репресивните мерки се' додека Владата не стане извор на теророт кон сите сопствени граѓани и не создаде држава во која секој живее во страв“.

Но, еден негов сограѓанин по име Џин Шарп стана познат во светот како автор на најдоброто упатство за ослободување од стравот во недемократските режими. Тој емеритус професор на политички науки од Универзитетот во Мисисипи, кој во 2009 година беше кандидиран за Нобеловата награда, во 1993.година ја напиша книгата ,,Од диктатура до демократија“, за потребите на Бурманското движење на отпорот. Таа книга, која има само 90-ина страници, стана Библија на младите што протестираат низ светот. Таа е преведена е на над 30 светски јазици (но не и на македонски) и е еден вид прирачник за изведување на револуции без насилство. Многумина сметаат дека резолуциите во Египет, во Тунис, но и во Србија, Украина и други држави се изведени токму според упатствата од оваа книга.

Неговата основна порака во книгата е дека ,,моќта на диктатурите (или на недемократските режими) произлегува од доброволната послушност на народите во земјите кај што таквите режими се воспоставени. И ако луѓето можат да развијат техники за повлекување на нивната послушност, таквите режими ќе паднат“.

Во 14 век, вели тој, во феудална Кина, постоел некој човек кој го нарекувале „господар на мајмуните“. Тој чувал мајмуни на својот имот кои имале задача секој ден да одат во блиската шума и да берат шумски плодови а една десетина од набранато да му го донесуваат на својот господар. Оние што не сакале тоа да го прават биле камшикувани. Еден ден, еден од помладите мајмуни прашал: „Гоподарот ли ја има засадено шумата од која береме и му носиме плодови?“ А откако му одговориле дека тој не ги засадал дрвата туку дека сами растат, прашал: „Па зошто ние него го храниме?“ Таа вечер мајмуните ги урнали оградите од затворот во кој биле чувани, го зеле од магацините насобраното овошје, отишле во шумата и никогаш повеќе не се вратиле. Тие преку сопствено просветлување ја освоиле слободата, а господарот на мајмуните велат умрел од изгладнетост.

Џин Шарп не тврди дека ненасилните револуции се едноставна работа.

Напротив. Тој само укажува дека е тоа можно и ги дава следните основни препораки:

Прво. Мара да имате стратегија за освојување на слободата и визија за општество какво што посакувате.

Второ. Надминете го стравот преку мали акти на давање отпор. И тој наведува 198 техники на давање ненеасилен отпор што се покажуваат извонредно корисни во борбата со недемократските режими.

Трето. Користете бои и симболи за да го демонстрирате единството и отпорот.

Четврто. Учете од историските примери на успесите на нанасилните револуции.

Петто. Идентификувајте ги столбовите на поддршката на диктаторскиот режим и развијте стратегија за нивно разнишување.

Шесто. Изолирајте ги од движењето оние што користат или заговараат насилство.

Седмо. Не дозволувајте вашата енергија за соборување на недемократскиот режим да биде искористена од сили и поединци кои по соборувањето на еден таков режим би воспоставиле уште понедемократски.

Секој режим, ќе заклучи Шарп, може да се одржува ако располага со суштествените извори за зачувување на својата моќ:

Власт - која е заснована врз уверувањето на мнозинството дека е стекната на легитимен начин и дека токму затоа тоа мнозинство има морална обврска да се придржува до нејзините барања и наредби.

Човечки ресурси - односно оп��еделен број личности групи од населението кои се послушни, кооперативни и кои им ја обезбедуваат главната поддршка и помош на владетелите.

Вештини и знаење - кои му се потребни на режимот за да спроведува определени акции преку личностите и групите што го поддржуваат.

Мотивација - психолошки и идеолошки фактори поради кои луѓето би биле послушни или би им помагале на владетелите да владеат.

Материјални извори- нивото до кое владетелите ја контролираат или имаат пристап до имотот на земјата, природните богатства, финансиите извори, материјалните средства, средствата за комуникација и транспорт.

Санкциите- казнувањето, заплашувањето, или заканите од нивна примена, кон непослушните или некооперативните со власта за да се обезбеди нивната потчинетост и соработка - кои му се потребни на режимот за да постои и да ги спроведува своите политики.

Но, сите овие извори, ќе заклучи Шарп, зависат од прифатливоста на режимот, од покорувањето и послушноста на популацијата и од соработката на огромен број луѓе и институции во општетсвото. А тие не се гарантирани.

Во моментот кога режимите ќе ја изгубат таквата подршка тие се на добар пат да бидат срушени. Но тоа нема само по себе да се случи..

Секое движење за соборување на недемократските режими, вели Шарп, мора да има изградено своја стратегија, разработеноно методи за ненасилно дејствување и тактики за постигнување целосен успех во остварувањето своите цели. Но, од сето она што се случувало досега во светот на тој план може да се заклучи дека ослободувањето од недемократските режими е возможно. Добро промислено планирање и стратегија се неопходни за да се постигне тоа. Истрајност, напорна работа дисциплинирана борба а понекогаш и жртви ќе бидат потребни. Но, слободата не е бесплатна. Таа мора да се освои.

Особено, како што вели Иво Андриќ, кога доаѓаат такви времиња во кои „паметните замолчуваат, будалите зборуваат, а барабите се збогатуваат“.

(Авторот е универзитетски професор)


#