Телохранители на премиерот нападнаа снимател на ЕРА

Телохранители на премиерот Никола Груевски вчера физички нападнаа снимател на телевизијата ЕРА, на самиот почетокот на средбата на лидерите од коалицијата на власт „За подобра Македонија“. Двајца членови на обезбедувањето на Груевски му се нафрлија на снимателот Горан Најдов, кој изразил негодување поради тоа што претходно не успеал да сними инсерти од состанокот на коалицијата.

Телохранителите го одвлекоа Најдов настрана и го притиснаа до ѕид, при што го удирале по слабините и му се заканиле дека ќе се видат со него приватно.

„Влеговме внатре за да земеме инсерти и настана мало недоразбирање со обезбедувањето на премиерот. Едни ми рекоа да влезам, други да излезам. Влегов, но не успеав да земам снимка. Тука се случи некое недоразбирање и се надевам дека нема да имам натамошни проблеми“, вели Најдов.

Во знак на протест и солидарност со својот колега, снимателите од други телевизии една минута ги држеа спуштени камерите кога заврши средбата на коалицијата и премиерот Груевски излезе да даде изјава.

„Бараме надлежните институции да преземат мерки против учесниците во овој инцидент и со тоа да покажат волја за подобрување на односот кон медиумите“, реагираше Здружението на сниматели и камермани.

На новинарско прашање Груевски одговори дека слушнал дека имало мал инцидентот и дека жали поради тоа. „Ќе го испитаме случајот и ако некој постапил надвор од правилата, ќе бидат преземени мерки“, рече Груевски. И ВМРО-ДПМНЕ изрази жалење за инцидентот и ги повика надлежните да го расчистат случајот.

Од МВР соопштија дека Секторот за внатрешна контрола ќе го испита инцидентот и ако се утврди пречекорување на овластувањата или прекумерна употреба на сила од вработен во МВР, ќе биде поднесена соодветна постапка и ќе следуваат санкции. Социјалдемократите реагираа дека инцидентот е доказ дека власта забегала до степен кога демократијата и човековите права се доведени во прашање . (А.М.М)


#