ВМРО-ДПМНЕ слави голема победа, СДСМ доживеа дебакл
Партијата на Груевски ќе има најмногу мандати досега, а социјалдемократите само 18
Оливера Војновска
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, има причини да биде задоволен од исходот на вонредните парламентарни избори на кои неговата партија, односно коалицијата што ја предводеше тој, однесе голема победа. Портокаловиот сојуз „За подобра Македонија“ освои близу 480.000 гласа (според прелиминарните резултати) и обезбеди 64 пратенички места (од нив само ВМРО-ДПМНЕ има 54), двојно повеќе од европската коалиција „Сонце“ на чело со СДСМ. Груевски го доби посакуваното апсолутно мнозинство во Собранието, кое тој во изминативе две години го посочуваше како „главен кочничар на реформски ориентираната влада“.
Бројот на гласовите и мандатите што ги доби патриотско-конзервативната коалиција е најдобриот резултат што го има остварено ВМРО-ДПМНЕ во сите досегашни изборни соочувања. Од друга страна, неговиот политички противник СДСМ, кој ја предводеше „Сонце - коалицијата за Европа“, на овие избори доживеа дебакл: освои околу 230.000 гласа и 28 пратеници. Првичните резултати покажуваат дека СДСМ ќе има фактички само 18 мандати (со оглед на тоа што десет се на НСДП, ЛДП, ЛП и Нова алтернатива) и ќе биде претставен со најмалку пратеници во Собранието во изминативе 17 години.
Гледано по изборни единици, ВМРО-ДПМНЕ најмногу мандати - 14 освои во Третата изборна единица, каде што носител беше Влатко Ѓорчев. Во „четворката“ коалицијата на Груевски има 13 места, во „двојката“ -12, во „единицата“ и во „петката“ по 11 места, а во шестата изборна единица обезбеди влез за тројца пратеници. На овие избори ВМРО-ДПМНЕ во сите изборни единици оствари подобар резултат од оној пред две години. Тогаш во ИЕ1 и во ИЕ2 имаше по седум пратеници, во ИЕ3-10, во ИЕ4-11, во ИЕ5-8 и во ИЕ6-2 пратеници. На парламентарните избори во 2006 година коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ- „За подобра Македонија“ освои 304.572 гласа и доби 45 пратеници.
Коалицијата „Сонце“ најслаб резултат постигна во Втората изборна единица, каде што листата на Јован Манасиевски доби само четири мандати. СДСМ најдобро се пласира во Четвртата изборна единица, каде носител беше Зоран Заев, чија листа доби седум места во парламентот. Во „тројката“ Тито Петковски на коалицијата и' донесе шест пратеници, а лидерката на СДСМ Радмила Шекеринска и потпретседателот Јани Макрадули во „единицата“ и во „петката“ обезбедија по пет пратеници во парламентот. Од шестата изборна единица од „Сонце“ коалицијата во Собранието ќе влезе само носителот на листата Игор Ивановски.
Завчеравечер, веднаш по објавувањето на изборната победа, Груевски посака опозицијата што поскоро да застане на нозе и да биде посилна. „На секои избори има победници и поразени. Но, на крајот победува Македонија, на крајот победува волјата на сите граѓани на оваа држава. Им посакувам соочување со реалноста, стабилизирање и зајакнување и да имаме во наредните четири години посилна опозиција. Тоа како власт ќе ни дава дополнителен мотив да можеме посилно, побрзо, поенергично да ги извршуваме целите што си ги зададовме пред нас“, рече лидерот на ВМРО - ДПМНЕ.
Шекеринска му ја честиташе победата на Груевски и на коалицијата „За подобра Македонија“, го призна поразот на предвремените парламентарни и рече дека ја презема одговорноста како лидер на СДСМ, но не прецизира дали ќе си замине од партиското кормило. „Во победите и во поразите никогаш не го загубив чистиот образ и дадениот збор. Одговорноста за нереализираното мнозинство е моја, заслугата за одлично водената кампања е ваша“, соопшти Шекеринска пред сопартијците и коалициските партнери од „Сонце“.
Коалицијата „За Македонија заедно“ предводена од СДСМ пред две години доби 218.463 гласа и 32 пратеници. По изборни единици „За Македонија заедно“ во 2006 година имаше: по седум пратеници во „тројката“ и во „четворката“, по пет пратеници во „единицата“ и во „двојката“, шест мандати доби во „петката“ и два во „шестката“.
Податоците од изборите во 2002 година покажуваат дека коалицијата на СДСМ имала 494.744 гласа кои и' донеле вкупно 59 мандати. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ (на чие чело беше Љупчо Георгиевски) освоила 298.404 и 33 места во Собранието. На парламентарните избори во 1998 година победата ја однесе ВМРО-ДПМНЕ предводена од Георгиевски, во коалиција со ДА на Васил Тупурковски. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ имаше 312.669 гласа и 49 пратеници и заедно со 13-те на Тупурковски (кој освои 119.352 гласа) имаа мнозинство од 62 пратеници, но нивниот сојуз траеше две години.
Во вториот парламентарен состав од 1994 до 1998 година СДСМ имаше 59 пратеници, либералите беа застапени со 29, а социјалистите со седуммина. ВМРО-ДПМНЕ и ДП тогаш ги бојкотираа изборите. Првиот парламент најбројна пратеничка група беше онаа на ВМРО-ДПМНЕ со 38, тогашниот СКМ-ПДП имаше 31 пратеник, Сојузот на реформските сили (либералите) имаше 18 пратенички места, а социјалистите четири. |