Свадбени ѕвона

Која е избраничката на Златко Калеников?

Откако претседателот на Сојузот на стопански комори и прв човек на фирмата „Кадис“, која е ексклузивен увозник на возилата марка „сеат“, Златко Калеников, вчера, на средба со новинарите, објави дека ќе се жени, се обидовме да откриеме која е неговата избраничка.

Како што дознаваме, срцето на атрактивниот довчерашен ерген го освоила Билјана Доневска, секретарка на поранешниот управител на „Сведмилк“, Швеѓанецот Роџер Оскарсон, еден период вработена во ССК, а подоцна и во фирмата на Калеников, „Кадис“, од каде што дала отказ по започнувањето на нивната врска.

Веста за свадбата е прекрасен подарок за трисеттиот роденден на Доневска (19 ноември), која има диплома од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а со Калеников е повеќе од две години. Свадбената прослава, како што дознаваме, ќе се случи во декември или во јануари во хотелот „Александар палас“ во Скопје.

Веста за стапувањето во брак на Златко стаса само неколку дена откако свршувачката со водителката Живкица Ѓурчиновска ја објави неговиот брат Зоран Калеников.

Ќе биде весело во семејството! Нека им е со среќа! (У.В.)


#