Фељтон

Македонско-бугарски историски контроверзии (13)

Коминтерната алиби за негирање на Македонците

Виктор Цветаноски

„Ниtу во еден документ не е наведено дека македонската нациJа е создадена од КИ“, вели руската историЧарка Лина Жила

За да докажат дека македонската нација била вештачка творба бугарските историчари во оптек пуштаат неколку измислени тези. Една од нив е дека таа, наводно, била производ на српската политика, која не можејќи во Македонија од Бугарите да направи Срби решила да ги именува како Македонци. Меѓутоа, поомилена и почесто спомнувана е тезата дека неа ја создала Коминтерната. Вакви и слични тврдења можат да се слушнат не само од официјалните историчари, туку и од некои помлади интелектуалци, од кои се очекува посовремено размислување и толкување на историските процеси.

Во една расправа на повеќемина бугарски интелектуалци за односите со Македонија, политикологот Огњан Минчев, кој важи за голем авторитет во Софија, изнесе став дека за време на комунистичка Југославија, во Белград и со помош на Москва, македонската нација била дефинирана во таков контекст што бил неприфатлив како за бугарската национална идеја, така и за бугарската национална идентичност воопшто.

„Бугарија не може да си дозволи официјално да признае една подобна утопија, која го ограбува во неверојатно брутален степен бугарското национално наследство и создава современи и идни политички претпоставки како за територијални претензии, така и за општа нестабилност“, изјави тој. Според него, на подобрувањето на односите со Бугарија најмногу пречело „продолжувањето на старата ’легитимност‘ на политичката елита на таа држава“, која, смета Минчев, била поврзана со бившиот комунистички режим во Белград.

При „докажувањето“ дека македонската нација била коминтерновска творба бугарските историчари како аргумент посочуваат една Резолуција за македонското прашање и ВМРО (Об.), која Коминтерната ја изгласала во јануари 1934 година и во изменет облик била објавена во весникот „Македонско дело“ четири месеци подоцна. Што, всушност, содржи таа фамозна Резолуција што на Бугарите им служи како доказ за нивните тврдења дека македонската нација е „утопија“, како што вели Минчев?

Академик Иван Катарџиев објаснува дека објавената Резолуција во весникот и оригиналната се разликуваат. Во оригиналната се укажува дека поделбата на Македонија во 1934 година меѓу балканските држави била извор на „остри противречности и борба меѓу нив за доминација над цела Македонија“; дека тие во Македонија спроведувале политика на економски грабеж и бесен терор, дека „владејачките нации на трите империјалистички држави што ја поделија Македонија своето национално угнетување го образложуваат со негирањето на националните карактеристики на македонскиот народ, со негирањето на постоењето на македонската нација“.

Во Резолуцијата одделно се карактеризираат методите на грчката и на српската практика во денационализацијата. Говорејќи за методите на денационализација на бугарската политика се вели: „Најпосле бугарскиот шовинизам, користејќи ја блискоста на македонскиот јазик со бугарскиот, ги прогласува за Бугари и со тоа го оправдува режимот на окупација во Петричкиот округ (Пиринскиот дел на Македонија) и на својата грабачка политика во однос на цела Македонија. Водејќи борба против поделбата и поробувањето на македонскиот народ, против сите видови национално, културно, социјално и економско угнетување, ВМРО (Об.) е должна да ја разобличува вистинската смисла на сите софизми, кои на Македонците им го негираат карактерот на нација...“, се наведува во Резолуцијата.

Коминтерната во документот ги образложува задачите на ВМРО (Об.), која, според неа, треба „катадневно да организира и да води борба во развивањето на македонското ослободително движење и секакви појави на национален гнет, против секакви вонредни закони за право на роден (мајчин) јазик во сите државни и општествени институции, за слобода на училиштата, на изданијата итн. Во таа борба централна парола на ВМРО (Об.) треба да биде за правото на нацијата на самоопределување до отцепување и за извојување независна обединета македонска република на трудбеници“.

Академик Иван Катарџиев вели дека бугарските историчари ја користат како крунски доказ токму Резолуцијата објавена во весникот „Македонско дело“ за да го негираат постоењето на македонска нација. Таквото мислење ќе го прифатат и политичарите. Така, на пример, највисокиот орган на Бугарската социјалистичка партија во Благоевград ќе тврди дека македонската нација била создадена под притисок на балканскиот секретаријат на Коминтерната во 1934 година.

„Сам по себе се наметнува и заклучокот од овие тврдења дека македонската нација е ’измислена‘! А штом е измислена, таа нема право да постои. Притоа негаторите на македонската нација и јазик воопшто не се впуштаат во содржината на Резолуцијата, која во 1934 година била објавена како Резолуција на ЦК на ВМРО (Об.) за положбата на Македонија и за задачите на ВМРО (Об.) т.е. за правото на самостојна македонска политичка организација да формулира политичка програма. Второ, дури и како резолуција на КИ во неа никаде не се говори за признавање на македонската нација и јазик, туку за угнетување и негација на македонската нација од страна на оние што ја поделија Македонија и должноста на Обединета да се залага за употребата на македонскиот јазик во државните институции и во образованието во сите три дела на Македонија“, заклучува познатиот македонски историчар.

Пред две години во Македонија беа објавени документи од Министерството за надворешни работи на поранешниот Советски Сојуз, кои ги уриваат митовите создавани од бугарската историографија за Македонија и македонската нација. „Новите документи потврдуваат дека македонската нација не е творба ниту на Коминтерната ниту на Советскиот Сојуз“, вели д-р Лина Жила, која заедно со професорот Владо Поповски повеќе години истражуваше во архивите на Руската Федерација, трагајќи по вистината за македонското минато.

Таа вели дека со перестројката се отвориле руските архиви, а првиот нејзин истражувачки проект бил за минатото на Македонија. „Цел ми беше да го истражам митот што се ширеше кај нас, а особено во Бугарија, дека македонската нација е создадена од Советскиот Сојуз и од Коминтерната. Се прашував дали навистина тие тогаш имале улога на Господ и можеле да создаваат нации? Дали имале таква моќ да им наложат и на другите држави да веруваат дека таква нација постои? За жал, оваа теза и денес е присутна во Бугарија. Таа беше актуелизирана и пред Самитот на НАТО во Букурешт. Тогаш имаше изјави на бугарски политичари дека Софија ќе ја заземе истата позиција како и Грција и оти нема да дозволи Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ се' додека Македонците не признаат дека нивната историја до 1944 година е бугарска, дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, а македонската нација вештачка творба, создадена од СССР и од Коминтерната“, истакнува руската историчарка.

Жила и Поповски го користеле архивот за надворешна политика на Советскиот Сојуз, кој дотогаш беше затворен и сакале да повлечат паралелна линија со веќе објавените документи од Коминтерната за македонското прашање. „Со ова истражување сакавме да видиме дали можеби дипломатијата на Советскиот Сојуз имала некаква улога во наводното создавање на македонската нација, како што тврдат Бугарите. Темелно ги претресовме сите документи од тогашното Министерство за надворешни работи, записниците на ЦК на СКПБ, на Балканската комисија, документите од политичкото и од военото разузнавање, како и од министрите за надворешни работи, но во сите нив не можевме да пронајдеме дека СССР имал вмешано прсти во тоа“, објаснува Жила.

Според неа, објавените документи се директен доказ дека Македонците не се вештачка творба ниту на Коминтерната ниту на Советскиот Сојуз. „Јас предлагам врз база на овие документи да се направи заеднички симпозиум на македонските и на бугарските историчари, кои имаат различни погледи. Тоа повеќе ќе придонесе отколку заемните кавги, секој својата вистина да му ја кажува на светот преку нарачани историски книги. Време е да им се каже на политичарите да остават со прашањата од минатото да се занимаваат историчарите, да се остават настрана и Коминтерната и Советскиот Сојуз“, порачува руската историчарка.


#