19.09.2012, 09:37

Ховит денеска и утре во Македонија

Известувачот на ЕП за Македонија ќе има средби со претставници на македонската Влада, на политички партии и на граѓанскиот сектор

Известувачот на Европскиот парламент за Република Македонија Ричард Ховит денеска и утре во Скопје ќе има средби со претставници на македонската Влада, на политички партии и на граѓанскиот сектор.

Ховит пред доаѓањето во Македонија во изјава за „Њу Јуроп“ најавува дека ќе се сретне со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, со други членови на Владата, со партиски лидери, но и со претставници на граѓански организации меѓу кои и на Бугарскиот културен клуб.

Британскиот европарламентарец пристигнува во Македонија два дена по посетата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе и третата рунда од Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Европската комисија и македонската Влада, а неполн месец до објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот на државата.

Европскиот парламент во март годинава усвои резолуција подготвена од Ричард Ховит во која уште еднаш европратениците побараа од Советот на ЕУ во најкраток рок да одреди датум за почеток на преговорите за членство на Македонија. Во документот исто така, се поздравува Пристапниот дијалог на високо ниво како чекор напред во процесот на членството на земјата во Унијата.