Документи за 2001 на „Викиликс“?

Тајни документи за улогата на ДУИ во врска со името, но и со конфликтот од 2001 година ќе објави Интернет-страницата „Викиликс“, која пласира доверливи и официјални информации, а особено се прочу по објавувањето информации за војната во Авганистан!? Со вакви најави вчера настапи лидерот на ДПА, Мендух Тачи. „Груевски, Владата и МВР нека одат да ги апсат од ’Викиликс‘. ’Викиликс‘ објавува документи за сегашната Влада. Грчкиот амбасадор во Америка на средбата со Друцас му објаснил дека ќе се објават многу точни документи за улогата на грчката влада во врска со конфликтот во 2001 година. За улогата на некои претставници на Албанците, се разбира, не од ДПА, туку другари на Алија Антиќ - во врска со преговорите за името со Грција и 2001 година“, рече Тачи.

Тој вчера присуствуваше на основачкото собрание на новата партија на Албанците - Албански сојуз, чија основна идеја е кантонизација на Македонија. Според платформата на новата партија, земјата треба да се подели на три кантони - албански, македонски и етнички мешан кантон! „Минаа дваесет години од прогласувањето на независноста, а албанските права и слободи се' уште се на елементарно ниво“, изјави Ваљон Беља, основач на новата партија. (П.Р.)


#