06.10.2011, 17:56

Мислења

11 Октомври – борбата продолжува!

Гордан Георгиев

Антифашистичка борба мора да биде точка на обединување на сите граѓани, независно од партиска, религиозна или етничка припадност

ОЧИ ШИРУМ ОТВОРЕНИ

Пред точно една година, во очи на еден од најголемите денови на македонскиот народ, 11 Октомври, напишав колумна во „Утрински весник“ со наслов „За што загина Оцка?“ Во тој текст, многу интимен за мене, ја опишав смислата на борбата и положениот живот на дедо ми Ордан Михајловски-Оцка, кој во 1942 година, заедно со уште десетина тинејџери, загина во заседа од бугарскиот окупатор во настанот историски опишан како Трагедијата во Ореовската корија. Деновиве, Република Македонија и целиот македонски народ ја слави 70-годишнината од почетокот на борбата против фашизмот.

За помладите кои можеби и не знаат, но и за постарите кои можеби подзаборавиле, сакам да ги потсетам дека периодот од 1941 до 1945 е најсветлиот период во историјата на македонскиот народ. Тоа е период кога Македонците се приклучија на антифашистичката борба и кога самосвесно и сами се изборија за своја држава. Тогашните прогресивни сили имаа потполна свест за потребата за осамостојување на Македонија и посебност на македонскиот народ. Во тие околности, кога и Бугарите и Србите беа жедни за ова парче земја, веруваме дека нашите дедовци и баби го извлекоа максимумот. Денешната Република Македонија влече директен историски континуитет од настаните пред участокот во Прилеп на, 11 октомври 1941 година, од првата пушка во Куманово и многу други знајни и незнајни настани од тој период. Оној што се обидува да го негира или омаловажува овој период покажува неверојатно ниска свест за државноста и самобитноста на македонскиот народ. 8 Септември, пак, е ставање точка на сите останати апетити и геополитички интереси и покажување недвосмислена волја (изразена на референдум) на македонскиот народ за создавање на независна и суверена Република Македонија.

Од 11 Октомври 2010 година до 11 Октомври 2011 година во Македонија се случија повеќе клучни идентитетски настани кои лесно и недвосмислено ја покажуваат тенденцијата на сегашнава старо-нова Влада за прекројување на историјата. Проектот „Скопје 2014“ ги добива своите завршни контури. Гледајќи отстрана, ќе видиме дека доминантни аспекти на тој проект се мегаломанскиот споменик на Александар Велики, наспроти минијатурните на Гоце Делчев и Даме Груев, како и огромниот комплекс Музеј на ВМРО наспроти запуштениот споменик на паднатите борци пред Владата. Да не зборувам за целокупната „антиквизаторска“ естетика на останатите објекти од „Скопје 2014“. Во меѓувреме, дознаваме дека на учениците од основните училишта ширум земјава ќе им се организираат едукативно-туристички посети на Музејот на ВМРО. Многу ме интересира што ќе им каже кустосот на музејот на младите дечиња кога ќе застанат пред фигурата на Ванчо Михајлов и какво историско место ќе му се најде на овој соработник на фашистите и близок пријател на Анте Павелиќ. Каква ќе биде „пропорционалната“ историска големина на Александар Македонски наспроти Гоце Делчев, Даме Груев или Ченто? Што ќе им се вбризга во главите на малите деца и како тие понатаму ќе ја перцепираат македонската историја? И конечно, како нашата младина ќе има свест за значењето на антифашистичката борба ако на 8 Септември се величаше независноста на Република Македонија во еден несомнено антички контекст (без историско чувство за вистинското значење на независноста на нашата држава), а 11 Октомври се прославува мошне скромно, без некаков посебен интерес од страна на Владата?

Јас тврдам дека ваквото создавање инстант-историја го ослабува македонскиот идентитет, не го зајакнува. Некои работи за кои само до пред пет-шест години сме мислеле дека се силно врежани во нашата колективна свест сега се н��гираат или прескокнуваат со директна асистенција на Владата. Во меѓувреме, живите наследници на антифашистичката борба се ставени на маргините на општеството, Сојузот на борци мака мачи да излезе на крај со финансиски и просторни проблеми, бистите на народните херои во Градскиот парк веќе неколку години зјаат обезглавени, а на само стотина метри од таму се градат прескапо платени лавови, бикови и шмизли.

На младите генерации треба да им се објасни дека идентитетот и историјата се градат преку континуитет, а не преку дисконтинуитетни резови и копи пејст-историја. На вашите деца треба да им објасните дека македонскиот јазик не е испишан на каменот од Розета, туку е прогласен за официјален на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, а влече континуитет од словенските просветители, па до денес. Дека Македонската православна црква е прогласена за автокефална во „комунистичката“ 1967 година и дека зградата на Архиепископијата и Соборниот храм во Скопје во огромен дел е финансиран од членарината на Сојузот на комунисти на Македонија. Таа иста црква, а не паганството на Александар, е од најважните идентитетски стожери на оваа македонска нација.

Сите ние, претходните и идните генерации на Македонци сме наследници на сите учесници во НОБ и треба да веруваме и да се бориме за остварување и зачувување на нивните идеали за слобода, рамноправност и сувереност. И оваа антифашистичка борба мора да биде точка на обединување на сите граѓани, независно од партиска, религиозна или етничка припадност.

Затоа, да немаме дилеми дека илјадниците борци кои загинаа во текот на НОБ ги положија своите животи за да можеме ние, денес и тука, во независна Македонија, да живееме во слободата која тие на крвав начин ни ја овозможија. Сите обиди за релативизирање и минимизирање на таквите придобивки недвосмислено ги ставаат таквите негатори од другата страна на барикадите. На поразената, фашистичката страна.

(Авторот е пратеник)