18.09.2012, 09:34

Директни избори за високите функционери во ЕУ

Германија и Полска поддржуваат идеја за директен избор на раководители на ЕУ од граѓаните како средство за справување со евроскептицизмот, поттикнат од должничката криза.

- Размислувавме на кој начин да ја вратиме довербата во ЕУ, изјави германскиот министер за надворешни работи Гвидо Вестервеле кој учествуваше на средбата на Групата за анализа на иднината на ЕУ, составена од министри за надворешни работи на 11 европски држави. Тие ќе му дадат препораки на претседателот на ЕС, Херман ван Ромпуј, и претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо.

- Треба да разбереме дека сме заедница на вредности и должни сме да го заштитиме нашиот европски модел. Должничката криза се повеќе се претвора во криза на доверба. Сметам дека е решавачко да обезбедиме повеќе транспарентност и демократичност во европските институции и затоа ја поддржувам идејата за директни избори во ЕУ. Тоа би бил многу добар одговор за недостигот од доверба, изјави тој.

Полскиот министер за надворешни работи ја поддржа идејата на германскиот колега.

- Имавме конкретни институционални предлози. Директните избори на високи раководители се една од тие можности, изјави Шикорски.

Освен Полска и Германија во групата се: Австрија, Белгија, Данска, Франција, Италија, Луксембург, Холандија, Португалија и Шпанија. Според австрискиот министер за надворешни работи Михаел Шпинделегер директните избори би можеле да се организираат на секои пет години, истровремено со изборите за ЕП.