Железницата ќе купува возови

Неопходни се минимум пет гарнитури воза, три дизел моторни и два електромоторни

Раководството на „Македонски железници - АД Транспорт“ е уверено дека се подобруваат состојбите во компанијата преку обнова на транспортот, поврзување со поранешните ЈУ-републики со новиот проект и финансиски ќе зајакнат со ослободување на обврските. Според првиот човек на „Македонски железници А.Д. Транспорт“, Оливер Деркоски, во фирмата, која има 1.460 вработени, нема превработеност, туку е потребно преструктуирање и осовременување, но и пари за тоа.

„Неопходни се минимум пет гарнитури воза, три дизел моторни и два електромоторни. Се очекува поддршката од државата. Компанијата ќе бара кредит. Овие проекти одат со кредитирање преку Европската инвестициска банка или преку финансиската организација ’Еуро фима‘, која е специјализирана за финансиска помош на сите железници. И ние ќе го направиме тоа“, вели Деркоски. Македонија очекува многу и од неодамнешното приклучување во проектот во товарниот транспорт што го почнаа словенечките железници, а со нив основачи се хрватските и српските железници. „Македонската страна е вклучена во управувачките органи на компанијата ’Карго 10‘ наскоро ќе се формира, а првиот воз се очекува да тргне во почетокот на октомври од Параќин, Србија кон Сежана, Словенија. Ќе има траси во кои ќе бидат вклучени и македонскиот товарен железнички транспорт и инфраструктурата. Македонија добива, зашто во иднина реципрочно железниците ќе разменуваат локомотиви и вагони, па ќе донесе поволно работење за нашиот железнички транспорт“, вели Дерковски. (Ек.Р.)


#