Феноменот на четирите години

Нема прецизна пресметка на скорот од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски

Ерол Ризаов

Првите четири години од владеењето на Никола Груевски се феномен на македонската политичка сцена. Премиерот Груевски наметна нови стандарди во практицирање на власта. Од првиот ден по освојувањето на премиерскиот мандат тој е во предизборна кампања. Досега на никој пред него не му успеа така добро да ги спакува и пласира своите достигања и планови и така лесно да ги прикрие своите неуспеси и промашувања. Во Македонија од големата шума на политички и економски реформи не се гледаат неколкуте стратешки и најголеми стебла. Нема прецизна пресметка на скорот од четиригодишното владеење.

Првата појава на Никола Груевски во политичкиот живот, на неполни 30 години, не навестуваше експресна кариера во самиот врв. Особено не до позицијата премиер, со толку голема доверба во јавноста во толку долг период, во сиромашна земја соочена со милион проблеми типични за државите во транзиција. Првпат лично го сретнав Груевски како голобрадо момче, министер за трговија во владата на Љупчо Георгиевски. Беше првиот вмровски министер кој влезе во "Утрински весник" и побара поддршка за неговата кампања "Купувајте македонски производи". Иако идејата не соодветствуваше со принципите и стандардите на Европската унија, Греувски добро знаеше дека Скопје во тоа време е далеку од администрацијата на Брисел. Политички гледано кампањата беше примена со симпатии во јавноста. Учинокот никој не го измери. Трговскиот дефицит на Македонија во размената со светот е во постојан пораст. "Купувајте македонски производи" не даде економски резултати, но самата суштина на кампањата предизвика големи симпатии и еден вид нов патриотизам кај граѓаните. Не знам, дали тогаш Груевски првпат ги почувствува моќта на кампањата и благодетите на политичкиот прагматизам и популизам, но навести дека не е само обичен листопаден министер. Со мало работно искуство како брокер и со диплома во џебот од прилепскиот Економски факултет, Груевски го сврте врз себе вниманието на јавноста, но и на Љупчо Георгиевски, неприкосновениот лидер и оснивач на ВМРО-ДПМНЕ. Брзо скокна во жешката фотелја на министер за финансии на Република Македонија, силна позиција, едно од најзначајните четири министерски ресори.

Левицата која постојано страхува од последиците, што е типично за неа, во цела Европа, не само на Балканот, му остави еден куп законски проекти кој немаше храброст и време да ги спроведе. Младиот и амбициозен министер за финансии препозна голема шанса во овие реформи. Го воведе во практиката Законот за данокот на додена вредност (ДДВ), го укина храбро СОК, Службата за општествено книговодство, со што сите финансиски текови и платниот промет се префрлија во банките каде што им е и местото, застана на чело на кампањата за спроведување на Законот за денационализација, воспостави добри релации со медиумите и јавноста. Граѓаните во него видоа современ политичар подготвен на храбри чекори и ризик. Премиерот и неговиот заштитник Љупчо Георгиевски, гледано од денешен аспект, мошне невообичаено и несебично во македонската политика му ја препушти славата на реформатор на својот министер за финансии. Сите критики за неуспесите и грешките, за воената криза 2001 година, како и за големиот број финансиски афери и скандали ги апсорбира Георгиевски, а заслугите за економските реформи му ги препушти на Никола Груевски. Но, тоа ни оддалеку не беше доволно за вивнување на Груевски кон самиот врв.

Во големата внатрепартиска криза на ВМРО-ДПМНЕ по поразот на парламентарните избори 2002 година, Груевски тивко ја одработи својата работа во партијата и во сплет на околности излезе како победник. Го освои партискиот трон. Тоа се' уште не беше доволно да го добие лидерскиот ореол. Мораше да ја засени иконата - Љупчо Георгиевски пред која се' уште се крстеа вмровците. Во тоа најмногу му помогна Бранко Црвенковски кој процени дека, сепак, полесно ќе се справи на политичката сцена со помалку харизматичниот Груевски, отколку со Георгиевски. Денеска се гледа дека проценката на Црвенковски била погрешна. По конечната пресметка и жестока во ВМРО-ДПМНЕ победи Груевски. Не, кога застана на претседателската функција, туку кога ги презеде сите полуги во тогаш иако ослабената, но се' уште најголема опозициона партија. Го тргна од политичката сцена индиспонираниот Љупчо Георгиевски кој беше целосно затечен од поразот во 2002 година. За да на крајот му го оспори историскиот факт дека е основач на ВМРО-ДПМНЕ. Георгиевски веќе не го викаат ниту на партиските јубилеи и прослави. Историски гледано тоа е привремено.

Како лидер на опозицијата Никола Груевски добро ја одработи својата работа и во тоа му помогна најмногу лошото и арогантно владеење на СДСМ. Бранко Црвенковски на половина на својот премиерски мандат кога се очекуваа најрешителните и реформски потези, абдицираше од функцијата премиер за која всушност и му беше даден плебисцитарно мандатот на граѓаните, за да по трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски на неполни 45 години стане претседател на Република Македонија. Во период од цели четири години 2002-2006 година, СДСМ премногу се бавеше со самиот себе. Во политичка партија на власт која со својот коалиционен партнер ДУИ имаше апсолутно двотретинско мнозинство во парламентот, контролираше над 80 пратенички места, дојде до неразбирливи смени на тројца премиери и тројца претседатели на СДСМ. Непознат пример во поновата политичка историја во Европа, а најверојатно и во светот. Ступидно е при целосна власт да менувате тројца премиери и тројца претседатели на партија. Тоа не можеше, а да не предизвика лидерска криза на левицата која се пренесе по вертикала и по хоризонтала на целата партија. СДСМ евтино ги потроши на премиерските функции своите можеби најдобри кадри што само по себе значеше дека партијата нема капацитет да исфрли нов лидер кој ќе ја има цврстата поддршка на сите. Тоа не се обидоа да го направат сами ниту Радмила Шеќеринска, ниту Владо Бучковски, ниту Зоран Заев и уште неколку значајни имиња од самиот врв на партијата. Едноставно, сите се повлекоа препуштајќи му ја таа позиција на Бранко Црвенковски кого не успеаја да го засенат. Одбегнуваа јавна конфронтација со него како што тоа го направи Никола Груевски со Љупчо Георгиевски. Дали е тоа грешка или правилен потег ќе покажат следните парламентарни избори, кога за првпат ќе се соочат тет а тет Црвенковски и Груевски.

Така стојат работите, помалку или повеќе веќе познати во јавноста, до доаѓањето на Никола Груевски 2006 година на премиерската функција. Во периодот од 2005 до 2010 година Груевски успеа двапати на парламентарни и на два пати на локални избори да го порази СДСМ и да ја демонстрира својата политичка сила на претседателските избори исфрлајќи претседателски кандидат без доволно политичко искуство и релативно непознат во пошироката јавност, универзитетскиот професор Ѓорге Иванов. Она што нема јасен одговор од владеењето на Никола Груевски и што е голема непознаница за неговите политички противници и критичари е фактот како Груевски успеа сите грешки и големи финансиски скандали за време на владеењето на Љупчо Георгиевски, каде што и самиот беше министер за финансии, да ги префрли на адреса на Георгиевски и да го амнестира ВМРО-ДПМНЕ од тие промашувања. Груевски, чист, како од небо паднат, ја презеде премиерската функција без багаж кој му го препушти на недефинирано партиско минато. Добар дел од тој товар и денеска презема Георгиевски со свои непромислени политички јавни настапи и изјави кои предизвикуваат јасна дистинкција меѓу владеењето на Груевски и Георгиевски.

Во последниот отчет за четиригодишното владеење, Груевски повторно мошне јасно ја покажува потребата од амнестија на сите грешки од веќе осумгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ со Македонија. Најголемиот дел од одговорноста Груевски вешто успева да ја префрли врз СДСМ и на Бранко Црвенковски иако тие владееја само две години повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. Особено силен удар Груевски задава со законите за трансформација на општествениот капитал и приватизацијата иако самиот ВМРО-ДПМНЕ и тој лично како министер за финансии учествуваше во можеби најголемите промашувања на македонската транзиција, а тоа е приватизацијата на скопската Рафинерија, "Телеком", и некои други најпрофитабилни македонски стратешки капацитети.

Во својот говор за своето четиригодишно владеење, срочена како обраќање до нацијата, Груевски веќе со рутина на искусен политичар ги наброја достигнувањата на неговата "Преродба во сто чекори" не заборавајќи да ги изнесе и најситни детали како, на пример, патот од Смрдлива вода до скијачките терени на Кожуф. Груевски повторно ја распосла големата шума на постигнати успеси, разни проекти кои се завршени, незавршени, во подготовка, во идејна фаза... Направи една голема турлитава од "грандиозни" потези кои создадоа впечаток кај дел од јавноста дека Владата е на добар пат кон прогрес и подобар живот. Во таа шума не се видоа најзначајните стратешки столбови каде што всушност се кријат и најголемите слабости и промашувања на оваа власт.

Прво. Едно од основните прашања на кое се' уште нема одговор е дали македонската демократија во овие изминати четири години е на повисоко ниво, дали тапка во место, или се враќаме назад. Сите параметри на мерење на длабочината на демократските процеси покажуваат дека македонската демократија е во длабока стагнација. Она што е најлошо Груевски лично и коалицијата на власт немаат демократски капацитет за похрабри чекори во освојување на слободата и развојот на демократијата. Тоа е евидентно, лесно видливо и препознатливо во политичкиот живот на Македонија, во нивото на политичкиот дијалог, во начинот на функционирање на парламентот, во заштитата на човековите права и слободи, во односите со медиумите, во функционирањето на невладиниот и цивилниот сектор, во битката со корупцијата и криминалот.

Второ. Квалитетот на животот на граѓаните е еден од најзначајните и најсилните барометри за мерење на успехот на едно владеење. Од овие параметри стравуваат сите демократски влади дури каде што животниот стандард се мери со над 20.000 евра национален доход по глава на жител. Во изминатите четири години Македонија не направи исчекор во подобрување на животот кај граѓаните. Напротив, сиромаштијата е во постојан подем. Доуништена е средната класа. Како најсилен и трагичен доказ се се' повеќе осиромашени граѓани, и новите милионери и милијардери мерено во евра. Покрај старите транзициски богаташи кои стекнаа огромно богатство со приватацијата, во овие четири години под сомнителни околности се родија нови милиониери кои се производ на владењето на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Секогаш кога некој се збогатува преку ноќ , многумина осиромашуваат. Истото се случува и кога големите банкротираат.

Трето. Нови работни места и намалување на невработеноста е трагичен показател на успешноста на економските реформи. Не е во прашање само светската економска криза која, се разбира, имаше влијание, но која не е пресудна за македонската сиромаштија и безперспективност. Странските инвеститори не дојдоа во Македонија да градат нови фабрики и да ја внесат македонската економија во светските текови. Искуствата на странските инвеститори се повеќе лоши отколку добри. И оние што дојдоа беа соочени со големи проблеми во законската регулатива, во заштита на сопственоста, со корупцијата и нестабилноста на економски и политички план во земјата.

Четврто. Значаен фактор за стабилноста на Македонија се добрите меѓуетнички односи кои според анализите и изјавите и на партиските лидери и според функциите во парламентот, но и оценките на меѓународниот фактор покажуваат дека во изминатите четири години меѓуетничките односи во Македонија не се подобрени. Напротив, тие се влошени најмногу поради ригидната политика и недостигот на демократски капацитет на Владата на Никола Груевски. Коалиционите односи во самата власт се под нивото на вообичаени судири, а фаворизирањето на одредени проекти кои задираат во меѓунационалните и меѓуверските односи предизвикуваат тешки ломови особено во делот на проектот "Скопје 2014" и во проблематизирањето на Охридскиот договор овојпат повеќе кај албанскиот политички партнер отколку кај македонскиот.

Петто. Голем проблем, ако не и најголем, на Никола Груевски е немањето формула конечно да се реализираат двата најголеми стратешки приоритети на Република Македонија, а тоа е членството во двата најмоќни сојузи на светот, НАТО и Европската унија. Тоа не се некакви регионални организации и асоцијации како што постојат обиди да се прикажат, туку станува збор за најмоќниот воено-политички сојуз во светот каков што е НАТО и за најголемиот економски политички сојуз во светот како што е Европската унија.

Груевски ја стекна довербата во јавноста во врска со заштита на уставн��то име на Република Македонија и во него граѓаните препознаваат цврста гаранција дека уставното име нема да се промени без за тоа да се изјаснат на референдум. Засега единствената вина што Македонија не е членка во НАТО и не ги почнала преговорите со Европската унија, огромното мнозинство граѓани гледаат во непопустливиот и ултимативен став на Грција. За жал, тоа не може да ги поправи резултатите во скорот од четиригодишното владеење. Тоа може да биде само привремено оправдување. Факт е дека Македонија покрај признанијата на Брисел дека се исполнети условите за преговори и покрај одлуките на Букурешт дека по наоѓањето на заедничко решение со Грција, Македонија автоматски станува членка на НАТО, сепак, тие две позиции и натаму остануваат недостижни. Јасно е се' повеќе дека Македонија не може да ги оствари своите стратешки цели и да го сочува своето уставно име. Се разбира, може веднаш да се заблагодари на Брисел и на НАТО и да си го задржи своето уставно име, но Груевски не може да понуди алтернатива која ќе обезбеди подинамичен развој и просперитет што значи поквалитетен живот за нејзините граѓани. Премиерот Груевски и јавно признава дека Македонија нема друга алтернатива за својата иднина освен НАТО и ЕУ. Но, тој и владата не можат да испорачаат поцврсти гаранции дека може да ја контролираат политичката стабилност на државата доколку во подолг период не стане членка на НАТО и на ЕУ.

Груевски засега успешно ги апсорбира и овие неуспеси поради ригидниот и непопустлив став на соседна Грција, но на внатрешен план се случува партиско и политичко раслојување која се' повеќе ја дели државата на патриоти и предавници, на непријатели и херои. Односите внатре и на меѓуетнички план и се усложнуваат и попримаат се' подраматични нивоа на меѓусебна омраза и нетрпеливост. Навистина, барем за мене, целосно е разбирливо што поголемиот дел од граѓаните стојат зад цврстиот став да не се менува името на државата поради какви било интереси, но неразбирлив е ставот да се прогласуваат за непријатели и предавници луѓето кои бараат заедничко прифатливо решение и кои се подготвени во оваа етапа на историскиот развој на Македонија за извесен компромис и отстапки кои би овозможиле членство во НАТО и во ЕУ.

Власта во Македонија не создаде амбиент и едните и другите да ги прогласи за патриоти бидејќи мотивите и на едните и на другите не се уништување на Македонија туку, напротив, нејзин натамошен развој. Македонија не се подготви да подголтне коска како што сите кандидати за членство во ЕУ и во НАТО своевремено мораа тоа да го направат. Со текот на времето многу од тоа што изгубија на почетокот надоместија подоцна. Македонскиот идентитет и јазик во идните години нема ниту да заслабее, ниту да претрпи некакво сквернавење. Туку силно ќе се зацврстат. Многу повеќе отколку кај европските држави токму поради неразбирливите ирационални негации кои доаѓаат од страна на Грција. Секоја негација и омаловажување на најчувствителните придобивки на еден народ предизвикуваат контраефект кој го зацврстува идентитетот и националните атрибути, далеку повеќе отколку кога тие би биле во еден нормален еволутивен процес на слабеење на суверенитетот и традиционалните национални обележја карактеристични за Европа.

Груевски разбирливо со својот прагматизам и своето политичко кредо ги одбегна елаборациите за крупните пет стратешки интереси на Република Македонија, туку во час и пловина на двапати ги повтори големите достигнувања на Владата и на вмровската "Преродба во сто чекори".

Опозицијата не го дочека подготвена отчетот на четиригодишното владеење на Груевски. Со слаба кампања и со неколку партиски конференции и изјави, неколку јавни настапи не успеа да се фокусира на клучните промашувања на власта и не успеа да ги издвои главните неуспеси во четиригодишниот мандат на Груевски. Тоа само покажува дека опозицијата се' уште претежно се потпира на растот на незадоволството кај граѓаните отколку на нови идеи и соодветни откривања на промашувањата на политичкиот противник.

Медиумите повторно во зависност од партиските влијанија се впуштија во глорификации и критизерство на владеењето на Никола Груевски без притоа да се задржат на главните стратешки цели на ветеното, а неоствареното, и на она што во моментот е најзначајно за македонските национални и државни интереси. А тоа се демократијата, квалитетот на живеење и стандардот, вработеноста, добрите меѓуетнички односи и евроатлантските интеграции. Во сите овие пет клучни сегменти Македонија е во застој. Тоа на Груевски се' уште не му ја намалува драматично довербата. Но, процесот е почнат.




#