Груевски ја изолира Македонија, вели Љупчо Георгиевски
Може да дојде до постепено растурање на државата, смета експремиерот
Поранешниот премиер Љупчо Георгиевски тврди дека убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите нема да и' донесе ништо ново на Македонија. Според него, тоа е шанса Албанците да поднесат нов список на барања и да дојде дури и до постепено растурање на македонската држава. Ваквите прогнози Георгиевски ги изнесе во интервју за бугарската Нова телевизија.
Георгиевски смета дека Никола Груевски со вклучувањето на проблемот со името во предизборната кампања и барањето да има референдум можеби добил некои политички поени внатре во државата, но на надворешнополитички план ја изолирал Македонија во регионот и ја оддалечил од ЕУ и од НАТО. Според него, проблемот со името е загубена игра за Македонија, нешто што ќе ги поттикнело Албанците кон радикализација на нивните барања. „Така што воопшто не мислам дека ќе има брзо решавање на прашањето за името со Грција. Влеговме во еден маѓепсан круг, каде што Македонија ќе си игра самата со себе, додека меѓународната заедница нема да го разбере тоа“, проценува Љупчо Георгиевски.
Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ вели дека предвремените избори не и' биле потребни на Македонија и претставувале луксуз, зашто било испуштено драгоцено време за НАТО и за ЕУ. „И покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ има апсолутно мнозинство од 63 или 64 пратеници, таа треба за партнер да избере една од албанските партии. И токму тука започнува еден од големите проблеми на Македонија, зашто независно која партија ќе ја земе во Владата, дали ДУИ на Али Ахмети или ДПА на Мендух Тачи, ќе дојде до радикализација на другата албанска партија, бидејќи по неколку месеци започнуваат локалните избори“, вели Георгиевски.
Тој оценува дека Македонија се' уште не излегла од кризата во 2001 година, зашто таа се' уште не ги има решено двата главни проблема, спорот за името со Грција кој, според него, бил решлив и имало простор за разговор, и проблемот со Албанците, кој бил многу посложен. „Изборите во Македонија во албанските региони уште не се завршени, така што не' очекуваат уште две седмици криза, напади, можеби нови пукања, убиства, додека формално не завршат изборите во Македонија. А потоа ќе дојде и новиот список на барања кон македонската државност и дури постепено растурање на македонската државност“, нагласува Георгиевски. (В.Ц.) |