Два пасоша гаранција за ослободување на Бошкоски
Се чека одлуката на истражниот судија дали лидерот на Обединети ќе остане во притвор
Гордана Дувњак
Ќе остане ли лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, во притворот во Шутка или ќе се брани од слобода, ќе се знае најдоцна до денес. Тоа ќе зависи од одлуката на истражниот судија од скопскиот Кривичен суд, Марјан Колишевски, кој треба да се изјасни по жалбата на одбраната на ексминистерот за полиција, кој побара укинување на притворот. Адвокатот на Бошкоски, Љубомир Михајловски, смета дека не се исполнети трите услови за одредување притворската мерка и затоа бара неговиот клиент да се брани од слобода.
„Бошкоски нема да избега од државата бидејќи тука живее и има семејство. И покрај тоа што има двојно државјанство, како гаранција ги понудивме неговиот македонски и хрватски пасош. Нема да влијае врз сведоците бидејќи такви нема, а нема шанси да го повтори делото бидејќи изборите се веќе завршени“, потенцира Михајловски.
Адвокатот не сака да прејудицира каква ќе биде одлуката на Судот, но потврдува дека се' уште немаат добиено покана за увид во доказниот материјал, што е обезбеден при апсењето на самото место во скопскиот ресторан „Воденица“. Михајловски нема ни информации кое е лицето што, наводно, на полицијата и' пријавило поткуп од 100.000 евра за финансирање на изборната кампања на ОМ.
И по три дена од апсењето на Бошкоски, што се случи уште на првиот ден по објавувањето на изборните резултати, шокот во Обединети за Македонија не е намален. Во партијата се протресуваат и најситните детали околу последните случувања, а се анализираат и сите аспекти од полициската акција за апсењето на Бошкоски.
Во вода паднаа и сите планови на раководството на Обединети за Македонија да го докаже изборниот фалсификат, што сметат дека се случил на денот на изборите.
„Бошкоски, едноставно, не можеше да прифати дека сме добиле толку катастрофални резултати и сме освоиле само 17.000 гласа. Тој беше подготвен да оди од куќа во куќа и да докаже дека овие резултати не се реални“, раскажува за „Утрински весник“ функционер од Обединети за Македонија.
Во понеделникот кога се случи апсењето, во партијата се планирале натамошните активности, како и претстојната прес-конференција на која требало, наводно, да се раскринка „грабежот на гласови“.
„На состанокот бевме околу шест луѓе кога некој му се јави на Бошкоски на мобилен телефон да се видат во ресторанот. Претседателот не' остави и замина, а по 15 минути, разбравме дека е уапсен“, вели нашиот извор, кој додава дека во партијата се убедени дека станува збор за класична местенка и за монтирано политичко сценарио за негова дисквалификација.
|