10.04.2012, 18:17 Полемика
За триците и осилката
Паско Кузман
Во „талибанската мисија“ на Плаошник, освен „археологот-Талибанец“ учествуваше уште една голема личност: Исус Христос
(Повод: Ерол Ризаов „Ако се измешаме со трици...“ „Утрински весник“, 7 април 2012)
Ероле, едноставно, јас и ти разговараме за „трици“ и „осилки“. Јас, очигледно, се трудам да ги „измешам триците“, а ти да ја вратиш назад в уста „голтнатата осилка“ која ти навлегува се' подлабоко во грлото. Моето сфаќање за формирањето на македонскиот идентитет ти го раскажав во двете мои претходни обраќања до тебе, за тебе тоа се „измешани трици“, додека за мене „голтнатата осилка“ значи „те навлеков“ на тема за која не си компетентен (ти го мислиш тоа за мене), па затоа ти умно, за да добие некаква смисла нашата полемика и „поширока општествено корисна димензија“, повикуваш „да дадат свој придонес компетентни луѓе зад кои стојат дела и меѓународно признати вредности“ (извини, не беше тоа повик, туку надеж).
Па, добро, немам ништо против, туку, напротив, се надевам и јас дека навистина ќе се случи тоа, освен ако оние што ги повикуваш не мислат дека се тоа одамна познати тези (пардон: сфаќања), едните „за словенството и пансловенството“, а другите „за мешаните трици“, па ќе сметаат дека не вреди да се троши време на вакви теми. Мислам дека бев сосем јасен со моето сфаќање за твојот „идентитетски земјотрес“ во Македонија, за тоа што значи политичката стимулација и интервенција во потрага по пославно минато и што мислам за епидемијата со антикоманијата. Тоа го расчистивме, нели, со очигледен заклучок дека не можеме да се разбереме, оти ти упорно ги застапуваш интересите на политичката опозиција, а јас на политичката позиција. Нека остане така, па за „земјотресот“ нека се произнесе македонскиот народ, кој, според тебе, најмногу настрадал „а ние“ сме го довеле целосно во некаква „земјотресна заблуда“, па тој, кутриот, не може да се освести од силните „антикомански болки“.
Ероле, не два пати, туку и пет пати ќе „тропам на отворена врата“ за да ти кажам дека имаме дијаметрално спротивни сфаќања за суштинското значење на синтагмата „културно наследство“, поради кое и доаѓа до овие недоразбирања. Разликата во тие гледања е во тоа што јас мислам, покрај другото, дека доминантното културно наследство игра важна улога во формирањето на идентитетот на секоја популација и со своите вредности придонесува да се „доизградува и да се одржува“ таа „идентитетска куќа“, а ти упорно ми кажуваш дека тоа културно наследство е едноставна појава кај секоја земја и дека се тоа обични „своински односи“ без никаква суштинска еквиваленција меѓу сегашноста и минатото. И второ, ти ги бркаш лончињата и триумфално објаснуваш дека „јазикот што го зборуваме, ова писмо на кое пишуваме, овие цркви и оваа вера, чии живи споменици се тие во генот на луѓето“, а јас ќе ти повторам и стопати ако треба, дека тоа не го негира никој и дека тоа е елемент, еве ако сакаш толку, „силен елемент“ во составот на идентитетската маса на еден народ, во случајов на нашиот народ.
Ама кога велам дека си ги измешал лончњата, мислам на фактот дека ти не ги разликуваш поимите, од една страна, што е тоа материјално културно наследство, материјална култура, а од друга страна што е тоа духовно (или сега нематеријално) културно наследство, духовна култура. Човеку, минатиот пат јас ти напишав (ама немаше доволно место во весникот за тој дел од текстот), па сега еве, тоа ќе го додадам: Знам дека ти е јасна мојата „филозофија на гледање на македонските идентитетски работи“, ама, за моја жал, и знам дека не ти се допаѓа. Е, ако де... Само да ти повторам: за жал (повеќе моја, отколку твоја, бидејќи јас сум археологот, а не ти) на македонските простори словенската материјална и духовна култура во „словенско време“ до Светиклиментовиот п��облесок (материјалната до Турско и потоа) е еднаква на низок едноцифрен процент, додека античката материјална и духовна култура во „античко време“ е исклучително блескава. Но, тоа се само археолошки констатации (за тебе, секако).
Чекај сега, не брзај: сакам повторно да ти потенцирам дека станува збор за материјална и духовна култура во „словенско време“ до Светиклиментовиот проблесок (материјалната до Турско и потоа), што значи, Ероле, никогаш не сум мислел, ниту „сум проповедал“ дека духовните придобивки од Светиклиментовата мисија се за маргинализирање, а тоа сум го докажал, јас и „моите истомисленици“ со тоа што го работиме, со вложување себе си во зачувување, оживување и реминисцентна примена на вредностите од таа мисија на „првиот словенски епископ“ со кого се гордееме не само ние, туку и целиот словенски род.
Јас зборувам за еден друг „суров“ факт: за недостатокот на словенска материјална култура (материјална, „тродимензионална“, не духовна) која не' загрижува повеќе нас, археолозите, отколку сите вас другите. Зарем не сакам јас, како археолог, да пронајдам богати артефакти од Самуилово време во Самуиловата тврдина која ја ископавме речиси до „гола карпа“ и се' најдовме, освен тоа „нашето“ (барем досега, камо среќа да ни се случи пријатно изненадување во малиот, преостанат дел од централниот простор на ова „моќно жариште на словенската материјална култура“). Не ги негирам сите словенски вредности и доблести (јазикот, писмото, црквата; извини: на кои други словенски цркви од средниот век ти мислиш?), туку велам дека, покрај нив, има и уште други вредности што извираат од нашата почва и влијаат во создавањето на идентитетот на македонскиот народ. Па ајде, со тие твои воздишки „аман бе Паско“, „како бе човече“, „браво бе Паско“ или со онаа интерпретација во врска со Илијадата и со твојот крик: „Аман, аман, веруваш ли во вакви будалштини“. Знаев дека тоа ќе го искористиш, и така би. Лав си, нема што. А за „салто морталето“ во врска со Киро Глигоров и Љупчо Георгиевски, пак јавно ќе те прашам: зарем навистина мислиш дека тие, покрај тоа што се добри и високодострелни политичари, се и добри и високодострелни научници?
Што се однесува до Светиклиментовата црква „Св. Пантелејмон“ на Имарет/Плаошник што и да кажам, ќе те разбесни. Димче Коцо беше не само твој, туку и мој омилен историчар на уметноста, но за волја на вистината, тој не ја откри Светиклиментовата црква меѓу ѕидовите на Султен Мехмед џамијата заедно со Светиклиментовиот гроб, туку тоа го направи Кирил Прличев, синот на Григор Прличев уште во 1942 година. Него во раскопките го наследи перспективниот историчар на уметноста, тогаш младиот Димитар Коцов, кој подоцна, во 1948 година ја објави прекрасната статија „Климентовиот манастир Св. Пантелејмон и раскопките при Имарет во Охрид“ (Зборник на Филозофскиот факултет во Скопје, 1948, 145). Тоа, едно. Второ, пак, за твоја информација, остатоците од Светиклиментовата црква „Св. Пантелејмон“ беа со документ културно наследство на Р. Македонија, но никогаш со документ не беа културно наследство на Р. Македонија остатоците од Султан Мехмед џамијата. Тоа можеш да го провериш во сите архиви и во надлежните институции во Охрид и во Скопје. Остатоците на Султан Мехмед џамијата беа навистина чувани од надлежните институции, но заедно со дополнително поставената покривна конструкција само како заштита на остатоците од живописот и ѕидните партии од урнатата до темели Светиклиментова црква, а во која беше и гробот (и сега е) на најголемиот светител и просветител на словенскиот род св. Климент Охридски.
Тој гроб и црквата со фреските внатре меѓу темелите на џамијата сигурно беше некој „несреќен случај од XV век“, па џамијата не можеше да биде изградена покрај Светиклиментовата црква, туку мораше преку неа, па сега ни создаде проблем бидејќи на едно исто место не можевме да ја возобновиме и црквата и џамијата, туку моравме да ги тргнеме остатоците од џамијата која не беше во функција повеќе од двесте години, за да можеме да ја подигнеме црквата која требаше да биде функционална и да го ослободиме гробот на Светителот од ѕидовите на другата религија. Султан Мехмед џамијата и Светиклиментовата црква, заедно со паганскиот Дионисиев храм, заедно со големата ранохристијанска базилика и заедно со малата тролисна црква која ја обновил св. Климент, сите на еден ист простор (но во различни времиња) имаат една друга голема историско-филозофска мисија, како универзална вредност на три светски фундаментални сфаќања за животот, паганска, христијанска и муслиманска, сите на едно место, повторно „универзално свето место“, кое ти, очигледно, ќе го разбереш како „талибанско сфаќање и талибанска филозофија“. Да ти кажам, пријателе, една „непознаница“: во „талибанската мисија“ на Плаошник, освен „археологот-Талибанец“ учествуваше уште една голема личност: Исус Христос! Ти благодарам однапред, како ова ќе го протолкуваш. |